Османи од Берлин: Поддржуваме влез на Финска и Шведска во НАТО
Финска и Шведска добија поддршка за НАТО аспирациите од шефовите на дипломатиите на земјите членки во Берлин. На наредниот самит на Алијансата во Мадрид е најавено усвојување на новиот стратешки концепт на НАТО...

Министрите за надворешни работи на НАТО поддржале прием на Финска и Шведска. Турција во директен дијалог со двете скандинавски земји ќе ги решава билатералните отворени прашања, било договорено на првиот ден од неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на алијансата во Берлин. Сојузниците покажале единственост во поддршката на политиката на отворена врата за проширување.
„Ако Финска и Шведска одлучат да побараат членство, сигурен сум дека сојузниците ќе го разгледаат конструктивно и позитивно. Финска и Шведска се веќе блиски партнери на НАТО со кои работиме на разни начини. Како што кажав тие се демократии со беспрекорно владеење на правото, имаат силни воени сили што веќе придонесуваат за евроатлантската безбедност и се интероперативни со сојузниците“, изјави Мирчеа Џоана, заменик генерален секретар на НАТО.
Членството на Финска и Шведска во НАТО ќе придонесе за безбедноста во Европа, истакна шефот на дипломатијата Османи.
„Северна Македонија како најнова земја членка цврсто ја поддржува политиката на отворена врата и априрацијата на Финска и Шведска да се приклучат на НАТО. Ова го сметаме за важен чекор за безбедноста на целиот евроатлантски регион. Исто така западниот Балкан ќе биде неизбежен дел од европската безбедност и затоа политиката на отворена врата на НАТО и проширувањето на ЕУ ќе бидат двата столба на идниот стратешки концепт на Алијансата“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи.
Сојузниците се согласиле дека е важно да има брз прием на Финска и Шведска во НАТО.
„НАТО отсекогаш бил одбранбен сојуз и секогаш ќе остане сојуз за одбрана, но пред 24-ти февруари за некои држави не беше најважно да се приклучат. Ова се смени за Финска и Шведска кои сега се турнати да се приклучат на НАТО оти како и нас сакаат да живеат во мир и безбедност. Затоа Германија ќе преземе сè за да процесот на ратификација биде брз, а така се изјаснија и повеќето земји членки“, изјави Аналена Баербок.
„Единството на НАТО е силно. Истовремено знаеме дека единството мора да остане силно кога се соочуваме со инвазијата на Путин. Затоа мора да ги зграбиме овие историски моменти“, изјави Мелани Жоли.
Сојузниците го разгледуваат новиот стратешки концепт на НАТО што треба да се усвои на претстојниот самит на Алијансата во Мадрид.
Ирина Гелевска
