Расте бројот на жени-пчеларки
Расте бројот на жени-пчеларки во североистокот. Во кумановското здружение „Пчела“ шест од членовите се жени. Една од нив е Славка Ристовска, која над 35 години се занимава со оваа дејност. Произведува мед но и бројни пчелни производи...

Пензионерката Славка Ристовска од Куманово, е една од ретките припаднички на понежниот пол, која над 35 години се занимава со пчеларство. Љубовта кон оваа дејност ја наследила од баба и, а сериозно започнала да се занимава со сопругот. По неговата смрт, сама продолжила да се грижи за пчелите. На имотот во село Облавце има 30-ина кошници. Произведува од 10 до 15 килограми мед по кошница, но и прополис, матична млеч, восок од кој подготвува и креми за изгореници. Вели понекогаш е напорно, но љубовта кон пчелите е поголема.
Пчелките се корисни, не се страшни, тие се благодет за нас, за опстанок на човештвото. Побарувачката за мед е зголемена, и на прополис, матична млеч. Луѓето видоа дека вистинскиот мед е корисен, добар за конзумирање за организмот, за стекнување на имунитет, особено во вакво време на пандемија, вели таа.
Славка не е единствената пчеларка од североистокот, која се занимава со оваа дејност. Од здружението „Пчела“ Куманово информираат дека од 105 членови, шест се жени на возраст од 18 до 65 години. Велат интересот и кај жените, но и кај мажите, е сè поголем. Очекуваат успешна пчеларска година.
Имавме години кога беа екстремно лоши, имаше и кога беа подобри. Оваа година ние пчеларите првин мора да веруваме дека природата ќе ни врати, дека сè што ќе одработиме ќе ни врати, затоа се надеваме дека имаше убава пролет, немаше мраз во април, пчелите убаво се развија и сега само очекуваме да ни се расцвета багремот, ливадата и да имаме можеби најубава година во последниве десет, истакна Бобан Стошевски, претседател Здружение „Пчела“ Куманово.
Здружението „Пчела“ со пчеларски собир ќе го одбележи 20-ти мај, Светскиот ден на пчелата, а ќе се одржи и традиционалниот саем „Денови на мед“. Подготвуваат и монографија „50 години пчеларство во Куманово“.
Елена Георгиевска
