Електрична енергија

АДКОМ бара од Владата повластена цена на електричната енергија и поволни кредити за фотоволтаични централи

15.05.2022 12:18

Здружението на комунални претпријатија бара од Владата механизам за надминување на должничката криза кон ЕВН. Работата на претпријатијата е доведена во прашање, трошоците се зголемени, а регулаторната комисија сè уште не врши корекција на цените на водата и другите услуги. Долгорочно решение комуналните претпријатија гледаат во сопствено производство на електрична енергија..

Јавните комунални претпријатија на истокот тонат во долгови, сметките за електрична енергија се четирикратно зголемени. Долговите се плаќаат на рати, но тоа не го решава проблемот. Поскапи енергенси и репроматеријали, а цената на комуналните услуги е непроменета, велат од комуналните претпријатија од каде бараат заштитни мерки од Владата.

Повеќе од една четвртина од буџетот на јавното претпријатие „Солидарност“ од Виница оди за електрична енергија. Платите доцнат, претпријатието е презадолжено.

Еден од начините да се намалат сметките за електрична енергија е јавните претпријатија да постават соларни панели и да произведуваат енергија за сопствените потреби.

Од Здружението на јавни комунални претпријатија бараат од Владата повластена цена на електричната енергија и поволни кредити за изградба на фотонапонски електрични централи, но до сега нема одговор на нивните барања.

Славица Величковска