Централното градско подрачје со нов лик
Ова лето Охрид ќе ги дочека туристите со нов лик во централното градско подрачје. Реконструкцијата на булеварот „Македонски просветители“ ќе биде завршена за две недели и ќе претставува освежување за сите оние коишто го сакаат македонскиот најголем туристички центар. Сепак и оваа сезона проблем ќе биде уредувањето и одржувањето на плажите бидејќи поради неизготвениот план за управување со крајбрежјето не ќе можат да се издаваат под концесија..

Охрид ги прави последните подготовки пред новата туристичка сезона. Покрај уредувањето на јавните површини до први јуни ќе биде заокружена реконструкцијата на булеварот „Македонски просветители“ која води до градското пристаниште со што централното градско подрачје ќе добие нов лик. Охриѓани за овој проект имаат поделени мислења, но впечатоците сигурно ќе бидат подобри по целосното завршување на работите.
„Можеби кога ќе се направи комплет ќе биде добро. Се е изменето, тротоарите се со плочки и така. Моментално е раскопано, можеби после ќе биде поубаво“.
„Порано поубаво беше,сега плочките се некако поизвадени, калдрма, не е добро“.
„Сега има и за паркирање и за се, убаво е не е лошо“.
„Беше поубаво со асфалт отколку вака. Има потрошено пет пати повеќе од асфалтот пари тука“.
Од локалната самоуправа велат дека најголем проблем ова лето ќе биде уредувањето и одржувањето на плажите бидејќи веќе една година нема напредок во однос на донесувањето на Планот за управување со охридското крајбрежје.
„Најголемата катаклизма на Охрид што му се случи е ова со плажите коешто го направи минатата власт, буквално сред туристичка сезона. Ние како Охрид се понудивме на неколку пати и сме подготвени да учествуваме во тој план за охридското крајбрежје. Сметам дека уште една таква туристичка сезона без понуда за да можат да се рекреираат на уредени плажи ќе биде погубна за туризмот“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Уредувањето на плажите ќе почека сè додека не биде изготвен Планот за управување со охридското крајбрежје кој го изработуваат Агенцијата за просторно планирање и Министерството за транспорт и врски. Општината не може самоволно да го прави тоа, но од таму се подготвени во многу кус рок по донесувањето на планот да ги вцртаат опфатите каде што треба да има плажи.
Сашо Нелоски
