Граѓаните од полошко бараат да се вратат позорникарите на терен
Зачестените кражби, нарушувањето на јавниот ред и мир, ја зголеми потребата за поголемо присуство на полициските службеници на терен. Граѓаните од полошко бараат да се вратат позорникарите, податоци кои го потврдуваат и истражувањето кое го спроведе центарот за Европски стратегии Евротинк. Од СВР Тетово пак, велат дека секогаш има потреба од дополнителни полициски служби во сите делови на градот, но сметаат дека доволно е покриен теренот..

Снимките се од неколку главни булевари низ Тетово. По јавните сообраќајници не забележавме ниту еден полициски службеник, ги нема и низ тетовските мала. Граѓаните бараат нивно поголемо присуство на терен, со цел превентивно дејствување, намалување на кражбите, нападите и физичките пресметки.
Од Центарот за европски стратегии Евротинк, велат дека последното истражување од спроведениот проект – транспарентна и отчетна полиција, покажало дека не само во полошко, туку и на ниво на цела држава, граѓаните бараат да се вратат позорникарите. Во секој реон да има полициски службеници, со поголем професионален, отворен и услужлив однос кон граѓаните.
Од полицијата,истакнаа дека секогаш има потреба од повеќе полициски службеници на терен, но граѓаните брзо и професионално се услужени по телефонскиот повик, упатен до СВР Тетово.
Истражувањето на Евротинк покажува дека и советите за превенција при секторите на МВР, кои се клучна алатка за намалување на криминалот и нарушувањето на јавниот ред и мир не се доволно функционални. Поголем дел од нив се само на хартија, а ретко која општина иако се обврзани, одвојува средства за овие тела.
Зоран Димовски
