Најстариот занаетчија во Струга сè уште е во својата работилница
Од дете изработува чевли и чанти, денес тие се музејски експонати, оти никој не купува. 90 годишниот Јоне Кленко, тагува што занаетчиството е во изумирање и нема свој наследник...

Најстариот занаетчија од Струга, 90 годишниот Јоне Кленко и денес е во својата работилница. Работи на машини стари еден век. Во минатото правел чевли и чанти од кожа, денес никој не купува, се бараат само поправки и крпење.
„Вакви работи идат од сите продавници и бутици сите ги носат на поправка. И тоа ме држи уште и со умот и надежта дека нешто ќе направам се гордеев самиот себе“, вели Јоне Кленко занаетчија од Струга.
Јоне занаетот го наследил од својот татко, кој изработувал чевли во Франција, уште од дете бил во работилница, но тагува што занаетчиството е во изумирање и нема наследник.
„Мене ми е многу тежина овој збор да го кажам, цела Југославија ја прошетав само да научам повеќе, денес никој не го интересира, како сме се мачеле само за да дојдеме до некое знаење, да можеме да направиме и ново и старо‘, низ солзи раскажува Кленко.
За поттикнување на занаетчиството потребни се субвенции од државата, оти е неисплатливо.
„Треба сите давачки што треба да се даваат на државата, треба да ги дава државата да биде ослободен“, вели Кленко.
Јоне со своите вешти раце направил стотици модели чевли и чанти, денес тие се музејски експонати, кои сведочат за едно поинакво време.
Соња Рилковска
