Во регионот на Лавов погодена воена инфраструктура
Продолжува војната во Украина. Руските сили извршиле напад врз украинскиот град Лавов, се повлекуваат од Харков, но во Донбас се интензивираат борбите..

Руските сили извеле напад врз украинскиот град Лавов. Била погодена воена инфраструктура. Гувернерот на регионот рече дека во моментот нема информации за бројот на загинатите и повредените. Лавов неколкупати беше цел на напади. Градоначалникот на Харков соопшти дека руската армија успеала да освои мал дел од клучниот североисточен град.
Претседателот Зеленски рече дека Русија се однесува „налудничаво“ затоа што сè уште се обидува да победи во регионот на Донбас.
„Ситуацијата во Донбас останува многу тешка. Руските трупи сè уште се обидуваат да излезат победници. Не се откажуваат од своите напори. Чекор по чекор, ги тераме окупаторите да ја напуштат украинската земја. Да ги натераме потоа да го напуштат и украинското море“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Украинската војска соопшти дека руските трупи се повлекуваат од Харков, откако го бомбардираа со недели. Силите на Украина и официјалните лица ги извлекуваат телата на руските војници убиени во битка. Четириесетина се пронајдени кај Харков.
„Ги проверуваме телата. Форензичарите ги прегледуваат. Ќе има две копии од овој документ. Еден ќе остане во воено-цивилната администрација, вториот ќе оди во Киев со телата. Потоа ќе има размена или нешто друго“, рече украински војник.
Руските воздушни сили во текот на ноќта погодиле неколку упоришта и магацини за муниција на украинската армија во самопрогласената Народна Република Доњецк.
„Високопрецизни проектили на воздухопловната база на руските воздушни сили погодија два командни пункта, 11 упоришта и четири магацини за муниција на вооружените сили на Украина во близина на Запорожје, Парасковка, Костантимихаил и во самопрогласената Народна Република Доњецк“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
Оперативно-тактичката и армиската авијација погодиле повеќе области на концентрација на воена работна сила и опрема на Украина во војната која почна на 24-ти февруари годинава.
Марина Ристова
