Анкета

ИПСОС со анкета за предвремени избори

15.05.2022 13:29

Доколку утре се одржат предвремени парламентарни избори за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 22,а за СДСМ 12,9% од анкетираните, соопшти агенцијата ИПСОС. Премиерот бега од лидерска за да не се разговара за датум на нови избори, велат од ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ со став дека нарачаните анкети се манипулација за личен спас на Мицкоски..

Агенцијата ИПСОС изработи теренска анкета на јавното мислење за рејтингот на политичките партии и за уште неколку актуелни теми. На прашањето доколку утре се одржат предвремени парламентарни избори и доколку на тие избори се кандидираат само партии, а не коалиции, за која партија би гласале анкетата ги покажува следниве резултати. Според кои ВМРО-ДПМНЕ добил 22 насто, СДСМ 12, 9 насто, ДУИ 6,2 насто, а Левица се доближува до ДУИ со 5,4%.

ВМРО-ДПМНЕ 22%

СДСМ 12.9%

ДУИ 6.2%

Левица 5.4%

Алијанса за Албанците 2.8%

БЕСА 2%

Алтернатива 1.3%

Други партии 3.9%

Неодлучни 17.1%

Одбивам да одговорам 15.8%

Нема да гласам 10.6%

Досегашното работење на премиерот Ковачевски негативно го оцениле 52 насто од испитаниците, додека 35 насто позитивно. ВМРО-ДПМНЕ оцени дека анкетите само го потврдуваат она што и тие го тврдат дека состојбите во земјава се на ниво на национална катастрофа.

СДСМ коментира дека овие нарачани анкети се само доказ за паниката која владее во ВМРО-ДПМНЕ во услови кога рејтингот на Мицкоски вртоглаво опаѓа и кога се соочени со фактот дека на избори 2024 година, опозицијата ќе ги загуби изборите.

Како најзначајни проблеми анкетираните од ИПСОС ги посочиле проблеми во економијата – Лош стандард, ниски плати и пензии, високи цени, финансии и невработеност. Македонија треба да ги вклучи Бугарите во Уставот ако писмено се гарантира отстранувањето на ветото за преговорите со унијата, вака сметаат 32% од испитаниците. 39 насто се изјасниле дека земјава треба да бара реципроцитет од Бугарија доколку ги вклучи Бугарите во Уставот. За војната во Украина, 29 насто ја поддржуваат Украина, а 13 насто Русија, додека за двете страни се определиле 10 насто од анкетираните. Анкетата е направена за потребите на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 6 до 26 април на примерок од 1.000 анкетирани лица.

Игор Панов