За настап на Куртоа против Челзи, Атлетико треба да плати шест милиони евра
Белгискиот голман Тибо Куртоа нема да брани за Атлетико Мадрид против Челзи, ако овие два тима на ждрепката в петок се паднат еден против друг во полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите.
Претседателот на шпанскиот клуб Енрике Серезо за радиото Онда Серо изјави дека за да може да настапи Куртоа, ќе треба „голема сума пари“ да му се плати на Челзи, според одредбата во договорот за позајмица на Куртоа којашто била вметната на почетокот на сезоната. Медиумите на Пиринеите тврдат дека станува збор за околу шест милиони евра.

„Проблемот дали Куртоа ќе игра е дали ќе го добиеме Челзи на ждрепката. Според одредба во договорот ќе треба да платиме голема сума пари, којашто не можеме да си ја дозволиме“, рече Серезо.
УЕФА е немоќна да стопира вакви одредби во договорите за позајмување фудбалери, иако нејзините правила генерално спречуваат играчите да имаат забрана за настапи против други клубови.
Куртоа е веќе трета сезона меѓу стативите на Атлетико, откако Челзи како 19-годишник го купи од Гент за околу десет милиони евра. Веднаш беше испратен на заем на „Висенте Калдерон“ и со мадридскиот тим освои трофеи во Лига Европа и во шпанскиот Куп. Се погласно се зборува дека наесен би можел да биде повлечен во Лондон, иако самиот Белгиец јасно стави до знаење дека не е заинтересиран за враќање во Челзи ако нема загарантиран статус на прв голман. Засега, Петр Чех е неприкосновен на таа позиција во редовите на „сините“.
Во случај да им се вкрстат патиштата на овие два тима до крајот на сезоната во Лигата на шампионите, голот на Атлетико ќе го брани Дани Аранзубиа. 34-годишниот чувар на мрежата пет сезони беше прв голман на Ла Коруња, но годинава е само резерва на Куртоа. Запиша само два настапа, во победата од 2-0 против Порто во групната фаза од шампионската лига, кога Куртоа беше суспендиран, а Шпанците веќе имаа сигурен пласман во нокаут-фазата и потоа на првенствениот пораз од 2-0 од Алмерија, кога беше и исклучен.