Концерт

Филхармонија со грандиозно затворање на концертната сезона

16.05.2022 10:20

За првпат ќе биде изведено грандиозното вокално - инструментално дело „Реквием за војната“ од Бенџамин Бритн по диригентската палка на маестралниот Бенџамин Шварц (Израел/САД).

Овој четврток, во 20 часот во Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ ќе се одржи концертот насловен „Слобода“ со кој оркестарот на Филхармонија ќе го заокружи официјалниот дел од програмата на концертната сезона „Филхармонија во движење“.

За првпат ќе биде изведено грандиозното вокално - инструментално дело „Реквием за војната“ од Бенџамин Бритн по диригентската палка на маестралниот Бенџамин Шварц (Израел/САД).

Во изведбата учествуваат Камерниот и симфонскиот оркестар на Филхармонија, Хорот на Софиската филхармонија, Детскиот хор при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и солистите Весна Ѓиновска – Илкова, Стеван Каранац (Србија) и Горан Начевски.

Концертот им е посветен на сите жртви во војните кои се водат низ светот, а музиката е порака за мир- соопштуваат од Филхармонијата.

„Реквием за војната“ Бенџамин Бритн го напишал како нарачка од Англиската катедрална црква „Св. Михаил“ во Вест Мидлендс, која повторно била изградена, откако целосно била разрушена по бомбардирањата во Втората светска војна. Ова дело претставува остварување на долгогодишниот сон на Бритн, во кое ја реализирал својата желба да напише вокално инструментално дело и воедно да ја инкорпорира во него сопствената верба во хуманоста и да го изрази своето длабоко сочувство кон жртвите во војните. Како што самиот изјавил „Реквием за војната“ е акт на помирување.