Белград

СПЦ ќе расправа за одлуката на Вселенската Патријаршија за признавање на МПЦ- ОА

16.05.2022 12:20

Соборот на Српската православна црква ќе расправа за одлуката на Вселенската Патријаршија за признавање на МПЦ - Охридиска Архиепископија за канонска црква. Медиумите во Белград шпекулираат дека СПЦ ќе ја признае нашата црква...

Со литургија во Сремски Карловци вчера започна Соборот на Српската православна црква, а денес во Белград е работниот дел на Соборот кој ќе трае до недела, кога се очекува ставот на СПЦ за одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј за признавање на МПЦ-Охридска Архиепископија за канонска црква.

Вчера на литургијата покрај сите српски владици, како што беше соопштено, сослужуваше и „блажениот архиепископ охридски и митрополит скопски“ Јован Вранишковски, а патријархот Порфириј во посланието по повод стогодишнината од обновата на Пеќката Патријаршија и добивањето Томос од Цариградската патријаршија во 1922 година, со кој таа беше призната како сестринска Црква на сите автокефални православни цркви, кажа дека со тоа се потврдило обединувањето на историските српски црковни области како „канонско и оправдано“, споменувајќи го нивното обединување со тогашните митрополии во Македонија- Митрополиите скопска, велешко- дебарската, пелагонијската, преспанско- охридската и струмичката митрополија.

Годишната седница на Соборот на СПЦ редовно се одржува во мај. Собира владици од земјата и странство, се одлучува со мнозинство гласови, гласот на патријархот е пресуден само кога тој однос е изедначен, но добива на тежина со неговиот личен авторитет.

На крајот од седницата, кој се очекува во недела, Соборот издава соопштение, а не се исклучени и порано дадени соопштенија, за особено важни прашања.

Медиумите во Белград шпекулираат дека СПЦ ќе ја признае нашата црква, со дилемата дали ќе ја признае одлуката на Вселенскиот Патријарх со решен канонски статус или ќе ја признае како канонска, со решен административен статус- но како автономија.

 

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ