Ковачевски одбива да разговара за предвремени парламентарни избори
Премиерот Ковачевски одбива да разговара за предвремени парламентарни избори. Според него, Собранието го блокира ВМРО-ДПМНЕ, а не целата опозиција. Им порача на пратениците да бидат одговорни пред граѓаните зашто треба да се носат важни закони. Мицоски не отстапува-излезот од сите кризи се предвремени избори. Исклучува напуштање на Собранието како следен чекор во битката со актуелната власт…

Секој цврсто во својот политички ров, не отстапува од зацртаното. Премиерот Ковачевски продолжува да ја одбива средбата со опозиционерот Мицкоски и тврди дека во време на европски кризи блокадата на Собранието е погрешен пристап на ВМРО-ДПМНЕ. Нè очекува тешка зима и се трудиме да ги намалиме ценовните шокови за граѓаните, но и компаниите, посочува премиерот, кој инсистира на целосен мандат на владата до 2024-та.
Во ВМРО-ДПМНЕ излезот од сите кризи го гледаат во предвремените парламентарни избори. Велат власта посакува, но нема да се случи напуштање на Собранието, напротив-ќе поддржуваме сè што е за граѓаните, а ќе ги блокираме штетните закони, децидни во ВМРО-ДПМНЕ.
Во опозициската партија се свесни оти интерпелацијата за спикерот Џафери нема да помине во собранието, бидејќи ако СДСМ го нападне ќе падне владата на Ковачевски. Ја повикаа меѓународната заедница да се произнесе за вулгарностите искажани од првиот парламентарец. ВМРО-ДПМНЕ бара претседателот на Комисијата за деловнички прашања да свика јавна седница и да му изрече јавна опомена.
Миле Ристески
