Обвинувања меѓу власта и опозицијата за опструкции во законодавниот дом
Владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ го покажа лицемерието-гласаше против решавањето на проблемите на припадниците на Армијата, велат во ВМРО-ДПМНЕ. Парламентарното мнозинство ќе ги порази деструктивните постапки на ВМРО-ДПМНЕ и нема да дозволи нови штети врз граѓаните, економијата и државата, возвратија од СДСМ...

Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за опструкции во законодавниот дом. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека власта прави криза во АРМ зашто одби нивен предлог закон за служба во АРМ. Во СДСМ се категорични-ќе ги поразиме деструктивните блокади на ВМРО-ДПМНЕ во услови на енергетска и економска криза.
Владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ го покажа лицемерието-гласаше против решавањето на проблемите на припадниците на Армијата, велат во ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата најавија дека повторно ќе поднесат предлог закон за служба во АРМ, односно зголемување на платите за 10 проценти.
„Нашата пратеничка група, по скратена постапка, повторно го поднесува Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија“, рече Драган Ковачки, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Парламентарното мнозинство ќе ги порази деструктивните постапки на ВМРО-ДПМНЕ и нема да дозволи нови штети врз граѓаните, економијата и државата, возвратија од СДСМ. Сите капацитети треба да бидат ангажирани во справување со последиците, апелираат социјалдемократите.
„Во белиот дворец треба да знаат дека овие нови деструктивни идеи за блокада ќе бидат поразени. СДСМ нема да дозволи граѓаните да бидат жртви на себичните интереси на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, нагласи Даниела Николова, пратеник на Сдсм.
Власта и опозиција се обвинуваат за опструкции во работата на законодавниот дом. Таму пак намалена агенда на активности. Официјално-проблем струјата и собранискиот сајт.
Игор Панов
