Османи од Брисел: Заедно сме посилни во осудата и солидарноста со Украина
Министрите за надворешни работи на земјите-членки на состанок во Брисел дебатираат за руската агресија врз Украина и европската перспектива на Балканот. Повикаа за почеток на преговори без одложување со Северна Македонија и Албанија…

Европските шефови на дипломатиите ги поканија министрите за надворешни работи од Западниот Балкан на состанок во Брисел за заеднички одговор на Руската агресија врз Украина, но и за европската перспектива на регионот.
„Ја имаме посетата на шесте министри за надворешни на шесте земји од Западен Балкан. Ова е начин да се покаже колку е важен Западниот Балкан за нас, колку е важен процесот на пристапување. Денес ќе седнат на Советот за надворешни работи за да разговараат со нас за ситуацијата на Западен Балкан, кој е многу погоден од економската криза“, изјави Џозеп Борел-висок претставник на ЕУ за надворешна и одбранбена политика.
„Благодарност до високиот претставник Борел за поканата за првпат 6-те земји од Западниот Балкан да присуствуваат на состанокот на земјите- членки. Се надевам дека оваа нова пракса ќе биде корисна за двете страни и е последното нешто што недостига за обединета Европа. Ова е важен момент да разговараме за нашата обединета осуда на руската инвазија и солидарноста со Украина. Позицијата на Северна Македонија е цврста во поддршката на Украина и нејзиниот народ. Ние стопроцентно ја приспособивме нашата надворешна политика со ЕУ. Мислам дека заедно сме посилни во осудата и солидарноста со Украина“, изјави шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.
Дел од европските членки истакнаа дека одлуките во изминатите два месеца и во наредниот период ја дефинираат иднината на Европа, повикаа на почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија без одложување.
„Мора да обезбедиме пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија да почнат веднаш. Ниедна земја членка не смее да кочи ваква стратешки важна одлука и да ги држи целата Европска Унија и политиката на проширување под опсада“, изјави Габриелиус Ландсбергис, министер за надворешни работи на Литванија.
„Финска е голем поддржувач на европската перспектива на земјите од Западниот Балкан. Сметаме дека е добро да почнат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија без одложување“, изјави Јохана Сумувуор, министер за надворешни работи на Финска.
„Мораме да се придвижиме напред со почетокот на пристапните преговори со северна Македонија и Албанија. Мора да ја зголемиме нашата вклученост со конкретни чекори за европската перспектива на земјите од Западниот Балкан“, изјави Богдан Ауреску, министер за надворешни на Романија.
Шефовите на дипломатиите на ЕУ дадоа поддршка за членство на Шведска и Финска во НАТО.
Ирина Гелевска
