Народна банка

Раст од 2,9% при инфлација од 8,8%

16.05.2022 14:43

Просечна инфлација од 8,8 проценти на годишно ниво и забавен економски раст од 2,9 насто. Надолни корекции на Централната банка за македонската економија. Гувернерката Бежоска најави-по зголемувањето на референтната каматна стапка од 1,75 насто се очекува умерен раст на каматните стапки на кредитите…

Економскиот раст на македонската економија годинава ќе забави под влијание на глобалните надворешни шокови, војната во Украина, растот на цените на храната и на енергенсите. Народна банка ги ревидира надолу макроекономските проекции за растот за 1 процентен поен. Предвидува 2,9%, а годишната стапка на инфлација ќе достигне 8,8%, но се очекува да забави во втората половина од годината.

Гувернерката вели дека ризиците сè уште се присутни и доколку има потреба ќе се реагира соодветно. Како одговор на кризата и економските загуби Централната банка ја затегна монетарната политика. Основната каматна стапка е зголемена и достигна 1,75 насто. По овој чекор најверојатно банките ќе ги зголемат каматите на кредитите, вели Бежоска.

Кредитната поддршка на граѓаните и на компаниите расте со 9,8 проценти, а поради шпекулативни притисоци растот на депозитната база е поумерен. Девизните резерви се на солидно ниви. Буџетскиот дефицит годинава ќе достигна 8% од БДП, односно една милијарда евра. Јавниот долг исто така е во пораст и на среден рок ќе достигне 63 насто од БДП, вели гувернерката која очекува негова стабилизација. Потребни се фискални мерки, но строго таргетирани, без непродуктивни трошења за да се надминат економските загуби, препорачува гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Свето Николовски