Религија

СПЦ го одобри канонското единство со МПЦ-ОА

16.05.2022 14:54

Соборот на Српската православна црква без условувања го одобри канонското единство со Македонската православна црква-Охридска Архиепископија. Се отстрануваат пречките за заедничко литургиско и канонско причестување, делумно решение на спорот стар пет ипол децении. Дијалогот за идниот конечен статус на епархиите е можен, наменски и легитимен-велат од СПЦ…

Соборот на СПЦ денес издаде соопштение со кое за МПЦ го прифаќа статусот на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година.

Примајќи го актот на Светиот архијерејски синод на „Македонската православна црква – Охридска архиепископија“ со кој таа го прифаќа општопризнатиот канонски статус што му беше доделен во 1959 година од Српската православна црква, и изразувајќи надеж дека Српската православна црква ќе го решава и реши нејзиниот канонскиот статус, Светиот архијерејски синод одлучи да го поздрави прифаќањето на статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година, се наведува во соопштението на сајтот на СПЦ.

Во него се додава дека се воспоставува целосна литургиско и канонско општење, единство на канонски основи и канонски поредок на целата територија на СПЦ, според што дијалогот за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија е легитимен и реален.

Во дијалогот за идниот и евентуално конечен канонски статус на МПЦ, Српската православна црква ќе се води само од канонски и црковно-пасторални принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за „реалполитички“, „геополитички“, „црковнополитички“ или за еднострани иницијативи и не потпаѓајќи под на ничие влијание или притисок.

Соборот на СПЦ нема намера после решавањето на статусот да ја условува новата сестринска Црква со ограничувачки клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и дијаспората, со препорака на истата прашањето за нејзиното официјално име да се реши во директен братски дијалог со Хеленските и другите Православни цркви, се наведува во соопштението на Соборот на СПЦ на сајтот на СПЦ.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ