Македонија

Со заем ќе се градат депонии

16.05.2022 15:47

Следниот месец се очекува Македонија да го добие заемот од Европска банка со кој ќе изгради регионални депонии. Во ова решение се гледа спас од дивите депонии и ѓубриштата. Министерот Нуредини уверува оти ќе бидат по европски стандарди зашто во спротивно банката ќе си ги бара парите од грантот назад...

Идниот месец се очекува да завршат сите процедури и земјава да го добие заемот од 55 милиони евра од Европската Банка за обнова и развој. Со овие пари, Македонија ќе изгради регионални депонии, кои треба да бидат спас и решение за дивите депонии и ѓубришта. Идејата е од поодамна, а поради немање доверба во институциите, жители на Свети Николе, како и нејзиниот градоначалник, се спротивставија на решението во нивниот град да биде една од депониите за цел регион.

„18 општини бараат од нас како Министерство да продолжиме со проектот, бидејќи ние зборуваме за проект кој е повеќе од 40 милиони евра, најголемиот дел од грант од Европската Унија. Ако не ја изградиме депонијата, ќе бараат средствата да ги вратиме. Важно е сите граѓани, па и од Општина Свети Николе да знаат дека ние ќе изградиме по меѓународни стандарди“, изјави Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање.

Нуредини апелира да не се фрла ѓубре насекаде, бидејќи на тој начин граѓаните неколкукратно ја плаќаат цената и со пари и со здравје.

Министерството даде поддршка и на акцијата „Генералка викенд“, која годинава вклучи рекорден број волонтери кои чистеа во 26 општини во земјата.

„Над 185 тони отпад се собрани од овие 7400 волонтери или од прилика 25 килограми по волонтер. Тоа е количината што на дневно ниво ја генерираат Битола и Тетово“, изјави Филип Ивановски, менаџер на Друштво за управување со пакување и отпад од пакување.

Иако е потребно уште многу работа, од Министерството велат дека свеста кај граѓаните се менува.

По донесувањето на мерката за дозволена продажба само на биоразградливи кеси за кои се наплатува надомест од 15 денари во специјалниот фонд за животна средина, во период декември лани и првите три месеци од годинава се собрани 44 милиони денари. Со тие средства, појасни Нуредини, се планира да се купуваат контејнери за селектирање на отпад кои ќе бидат поставувани во општините.

Катерина Топалова