Маричиќ: Со Јадранско-јонската иницијатива политички и економски го јакнеме регионот
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и Национален ИПА координатор, Бојан Маричиќ, денес учествуваше на седмиот годишен Форум на макро-регионалната Стратегија на ЕУ за јадранскиот и јонскиот регион (EUSAIR), кој се одржува во Тирана, Албанија...
На заедничкиот Министерски состанок, министрите задолжени за фондовите на ЕУ, членките на ЕУСАИР и министрите одговорни за ЕУ, на кој очествуваше Маричиќ, беа разменети добри практики, беше споделена политичката визија и насоката на спроведувањето на ЕУСАИР, како и приоритетите за реализација во следниот период.
Инструментите како ЕУСАИР се додадена вредност на процесот на проширување каде што земјите-пристапнички во ЕУ се претставени на рамноправна основа со земјите-членки на ЕУ и воспоставуваат позитивна соработка меѓу нив и ги пренесуваат добрите практики и искуства во регионот на Западен Балкан, истакна вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ потенцирајќи го значењето на оваа стратегија за соработката и синергијата помеѓу земјите во поширокиот Јадранско-јонски регион, истакнувајќи ја потребата од уште поблиска соработка меѓу европските земји, за зајакнување на односите на ЕУ и нејзините земји-членки со земјите од Западен Балкан и што е најважно, забрзување на процесот на пристапување во ЕУ за регионот.
Посилниот и поотпорен Западен Балкан сам по себе води кон посилен и поотпорен јадрански и јонски макро-регион, што ја прави Евопската Унија посилна и поотпорна, додаде Маричиќ.
Вицепремиерот и Национален ИПА координатор учествуваше и на панел – дискусијата посветена на европската интеграција на Западен Балкан и Зелената агенда.
Во однос на зелената агенда која произлегува од Европскиот зелен договор, вицепремиерот Маричиќ истакна дека Владата се погрижи клучните реформи кои произлегуваат или се меѓусебно поврзани со Зелената агенда да бидат интегрирани во клучните плански документи, како оние поврзани со помошта од ЕУ, односно Стратешкиот документ ИПА III, како и во релевантните национални стратегии за претстојниот период.
Реалното спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан е можно преку спроведување конкретни активности и иницијативи на национално и на локално ниво преку реформи кои бараат големи финансиски средства – од националните буџети, како и поддршката што ја дава ЕУ преку ИПА и другите инструменти со кои располага останува да биде најсигурен извор на финансирање, посочи Маричиќ.
Тој потенцираше дека Економскиот и инвестициски план на ЕУ предвидува значителен износ за проекти на земјите од Западен Балкан за транзиција кон зелена енергија, климатска акција и други сектори, како и дека новиот пакет ИПА III за програмскиот период 2021 – 2027 година издвојува околу 100 милиони евра за нашата земја, надополнети со други извори достапни преку регионалните инструменти и дополнети со други јавни и приватни инвестиции.
