Воен конфликт

По Финска, и Шведска со одлука да влезе во НАТО

16.05.2022 20:21

За Москва, приемот на скандинавските земји не е директна закана, но проблем е ширењето на воената инфраструктура. Децениската воено-неутрална политика ја менуваат поради конфликтот во Украина. Донбас и натаму меѓу главните цели на руските сили...

Проширувањето на НАТО е вештачки создаден проблем во надворешнополитичките интереси на САД – тврди рускиот претседател Путин. По Финска, одлука за влез во воениот сојуз и во Шведска. Реформите во безбедносната политика на овие скандинавски земји кои со децении важеа за воено-неутрални беа предизвикани од руско-украинскиот конфликт. Најновите аспиранти за НАТО доби поддршка од Норвешка, Данска и Исланд. САД и Канада најавуваат брз ратификација на влезот на Финска.

„Русија нема проблеми со Финска и Шведска, нивниот евентуален влез во НАТО не претставува закана за Москва. Но, проширувањето на воената инфраструктура на таа територија очигледно ќе предизвика негативна реакција. Ние ќе решиме каков ќе биде одговорот врз основа на заканите кои ќе произлезат“, изјави Владимир Путин.

На 30-годишнината од основањето на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), шефот на Кремљ ги обвини Киев и Вашингтон за создавање на биолошко оружје. Најави серија заеднички вежби на овој воен сојуз во Казахстан, Киргистан и Таџикистан во есенскиот период. Во меѓувреме, во Естонија почнаа најголемите маневри на НАТО на Балтикот.

„Светот се реформира, еднополарниот светски поредок заминува во историјата, а здружениот Запад води агресивна војна за да ги си одбрани позициите. Употребува секакви средства, вклучувајќи ја и нашата организациска зона, почнувајќи од закани за користење на НАТО оружје на нашата западна граница, па се до почнување на хибридна војна, првенствено против Русија и Белорусија“, изјави Александар Лукашенко, претседател на Белорусија.

Украина се подготвува за нов напад во Донбас, една од примарните цели на Москва. Министерството за одбрана на Руската Федерација извести дека е договорен коридор за евакуација на ранетите украински војници од блокираната фабрика „Азовстал“ во Мариупол. Во челичарницата се заглавени околу 2000 борци.

Маја С. Филдишев