ВМРО-ДПМНЕ излегува на улица, протест пред Владата на 18-ти јуни
ВМРО-ДПМНЕ излегува на улица. На 18-ти јуни пред Владата протест, како што велат од партијата, за промени и за подобар живот. Извршниот комитет одлучи да продолжи активната блокада на Собранието. Молкот не е опција. Избори да, но во 2024-та, на кои ќе бидат поразени политиките на Мицкоски, реакција од СДСМ. Парламентот е местото за дијалог, смета премиерот Ковачевски...

ВМРО-ДПМНЕ излегува на улица, како што велат од партијата, за промени и подобар живот. Продолжува активната блокада во Собранието. Одговорот на здравствената криза беше неефикасен, со голем број изгубени човечки животи, владините мерки нецелосни. Владата не покажа способност за соочување со економската и финансиската криза, не ги исполни дадените ветувања за формален почеток на пристапните преговори со ЕУ, заклучи Извршниот комитет. Единствениот излез, велат од партијата се предвремени парламентарни избори. Молкот не е опција, посочи потпретседателот Муцунски.
Откако им пропадна деструктивната идеја за блокирање на Собранието „невидените“ чекори кои ги најавуваше Мицкоски се сведоа на еден протест за еден месец од сега, реагираа од СДСМ. Според партијата, прашањето за изборите е затворено. Тие ќе бидат редовни во 2024 и на нив ВМРО-ДПМНЕ ќе загуби. Премиерот Ковачевски пак оцени дека ВМРО-ДПМНЕ во Собранието блокира поради политички, лични интереси. Вели-законодавниот дом е единственото место за дијалог.
И во албанскиот политички блок поделеност околу изборите. Велат- се ќе зависи од тоа дали Македонија во јуни ќе добие датум за старт на преговорите со ЕУ.
Милчо Велески
