264 украински борци евакуирани од „Азовстал“
Од челичарницата „Азовстал“ евакуирани 264 украински борци. Меѓу нив и 53 тешко повредени. Германскиот канцелар Шолц не е оптимист за скорешен крај на војната во Украина. Предупреди на можна натамошна ескалација...

Заврши голготата на украинските борци кои неколку месеци се наоѓаа во подземните тунели на челичарницата „Азовстал“ во Мариупол. Над 260 луѓе, од кои 53-ца тешко ранети се евакуирани по преговорите. Украинската војска избегнува да го користи зборот предавање, опишувајќи ја операцијата како обид да се спасат што е можно повеќе животи. Од Министерството за одбрана соопштуваат дека почнува процедура за размена на евакуираните украински борци.
„На Украина и требаат украински херои за да преживее. Ова е нашиот принцип. Нашите вооружени сили и разузнавачки служби почнаа операција за спасување на бранителите на Мариупол. Работата за враќање на момчињата дома продолжува и бара деликатност и време“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Претходно, батаљонот Азов на социјалните мрежи објави дека за да спасат животи гарнизонот во Мариупол ја спроведува одобрената одлука на врховната воена команда и дека се надеваат на поддршка од украинскиот народ. Руското министерство за одбрана, пак, го објави договорот со кои ранетите ја напуштат челичарницата на лекување во градот кои е под руска контрола. Германскиот канцелар Шолц во интервју за германските медиуми истакна дека не е оптимист дека набрзо ќе има крај на војната во Украина. Предупреди дека е можна натамошната ескалација.
„Засега, за жал, нема знаци за крај на оваа војна, а треба да се стави крај што е можно побрзо. Морам да го барам тоа и ние ќе сториме сè што можеме за да се осигураме дека тоа навистина ќе успее. Стравуваме дека ќе дојде до ескалација на војната“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.
Во Донбас и натаму се водат жестоки борби. Во обновените руски напади на истокот се убиени десетици цивили. Силни гранатирања во северниот дел на Доњецк и во неколку други градови во регионот Донбас, кои остануваат главна мета на руските сили. Украинската војска, пак, соопштува дека контранападот околу Харков добил замав и нејзините сили успеваат да ги одвратат руските трупи.
Маја Стојанова
