Шведска упати барање, Финска дебатира за влез во НАТО
По Финска, и Шведска аплицираше за влез во НАТО. Турција се противи на нивниот прием во Алијансата. Генералниот секретар Столтенберг уверен дека нема да се одложи процесот за членство на двете нордиски земји. Претходно, Русија се закани дека ќе следува одговор доколку Шведска и Финска влезат во НАТО...

Шведската министерка за надворешни работи, Ен Линде ја потпиша апликацијата за НАТО во Министерството за надворешни работи во Стокхолм. Претходно Норвешка, Данска и Исланд ветија помош за Финска и Шведска доколку земјите бидат нападнати во текот на процесот на пристапување во НАТО.
„Апликацијата ќе биде испратена до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, дека Шведска аплицира за членство во НАТО. Се чувствувам значајно и многу сериозно, се чувствуваме како сега да дојдовме до она што мислиме дека е најдобро за Шведска“, изјави Ен Линде, министерка за надворешни работи на Шведска.
Парламентот на Финска денеска гласа за пријавата на земјата за членство во НАТО. Одборот за надворешни работи едногласно ја поддржа пријавата, оценувајќи дека Финска мора да биде членка на Северноатлантската алијанса.
Турција го повтори својот став дека се противи на приемот на Финска и Шведска во НАТО. Претседателот Ердоган им порача на двете скандинавски земји да не испраќаат своја делегација во Турција, во обид да ја премислат.
„Шведска веќе е центар за инкубација на терористичките организации. Тие носат терористи во нивните парламенти, ги тераат да разговараат таму и издаваат специјални покани за нив. Има дури и про-ПКК терористи во нивните парламенти. Како да веруваме на нив“, рече Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.
Финска е изненадена од ставот на Турција, но порача дека не сака да се пазари со Ердоган.
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, и порача на Турција дека Алијансата мора да биде заедно во овој историски момент.
Владимир Путин, пак, кажа рече влегувањето на Финска и шведска во НАТО не претставува директна закана за Русија, но предупреди дека Москва ќе одговори на секое проширување на воената инфраструктура.
Марина Ристова
