ВМРО-ДПМНЕ најави протест, СДСМ вели-прашањето за избори е затворено
ВМРО-ДПМНЕ излегува на улица. Извршниот комитет синоќа донесе одлука, на 18-ти јуни, граѓански протест пред Владата. Активната блокада на Собранието продолжува. Пропаднаа неуспешните блокади. Нема да дозволиме неодговорни политичари за спас на својата фотелја да ја закочат државата, велат од СДСМ…

ВМРО-ДПМНЕ излегува на улица, како што велат од партијата, за промени и подобар живот. Граѓанскиот протест пред Владата е закажан на 18-ти јуни, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ заклучил дека власта имала доволно долг период да покаже резултати, но не само што не покажаа, туку и не внесе во голема сиромаштија, инфлацијата е двоцифрена, платите ниту еднаш не пораснаа, криминалот и корупцијата станаа начин на работа. Според ВМРО-ДПМНЕ оваа влада има дебакл и на меѓународно поле, 5 години не само што не сме почнале преговори за влез во ЕУ, туку има само понижувања. Единствениот излез, велат од партијата се предвремени парламентарни избори.
Пропаднаа обидите на ВМРО-ДПМНЕ за блокада на Собранието, „активната блокада“ издиша, па од досега невидените чекори што ги најавуваше Христијан Мицкоски му остана само да организира протест за еден месец од сега. Протестот е демократско и уставно загарантирано право, но прашањето на изборите е затворено. Парламентарни избори ќе има во 2024-та и на тие ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ќе бидат поразени, а претходно, ќе изгубат и на редовните претседателски избори исто така во 2024-та година, посочија од СДСМ.
Власта повикува опозицијата да ја одблокира работата на комисиите, додека ВМРО-ДПМНЕ опстојува на активната блокада во законодавниот дом. Не се исклучуваат и други демократски алатки за да се постигне целта за предвремени избори.
Игор Панов
