Образование

Со грант од три милиони евра ќе се реконструираат 30 спортски сали во училиштата

17.05.2022 13:35

Министерот за образование Шаќири и вицегувернерот на Банката за развој при Советот на Европа, Томас Бошек, потпишаа договор за грант, неповратни средства од три милиони евра за реконструкција на 30 спортски сали во основни и во средни училишта. Ќе биде набавена и опрема за 50 спортски сали во основни училишта…

Со три милиони евра неповратен грант од Банката за развој при Советот на Европа ќе бидат реконструирани 30 спортски сали во основни и средни училишта. Ќе биде набавена и спортска опрема за 50 сали во основни училишта. Пристапот до новиот грант ќе обезбеди инфраструктура која ќе биде поддршка за физичките вежби на децата и ќе овозможи тие да бидат повеќе активни во процесот на образованието. Рокот за реализација на грантот е крајот на 2024-та година.

„Крајниот рок за проектот е кус, плановите се амбициозни. Сакаме да постигнеме многу во наредните три години“, вели Стефан Худолин – претставник на делегацијата на ЕУ во Скопје.

Банката за развој при Советот на Европа досега во четири наврати, со два гранта и два заема, обезбеди средства за подобрување на условите во образовните установи во земјава.

„Економскиот раст е врвен приоритет на Советот на Европа и Банката за развој. Затоа со задоволство ја продолжуваме соработката со властите на Северна Македонија на полето на образованието“, нагласи Томас Бошек, вицегувернер на Банката за развој при Советот на Европа.

Досега се изградени 97 училишни спортски сали, 30 се во градба, а во реконструкција се повеќе од сто училишни објекти, информира министерот за образование и наука.

Ана Ј. Тодоровска