Свет

Шведска и Финска во НАТО, Турција се противи

17.05.2022 14:16

Шведската министерка за надворешни, Линде, го потпиша барањето за влез во НАТО. Финскиот парламент гласа за членство. Турција се противи на нивниот прием во Алијансата. Претходно, Русија се закани дека ќе следува соодветен одговор...

Шведската министерка за надворешни работи, Ен Линде ја потпиша апликацијата за влез во НАТО. Претходно Норвешка, Данска и Исланд ветија помош за Финска и Шведска доколку бидат нападнати во текот на процесот на пристапување во Алијансата.

„Апликацијата ќе биде испратена до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, дека Шведска поднесе барање за членство во НАТО. Се чувствувам многу сериозно, се чувствуваме како сега да дојдовме до она што мислиме дека е најдобро за Шведска“, изјави Ен Линде, министерка за надворешни работи на Шведска.

А, парламентот на Финска гласа откако претседателот и премиерката ја поднесоа пријавата за членство во НАТО. Претходно, одборот за надворешни работи едногласно ја поддржа, оценувајќи дека Финска мора да биде членка на Северноатлантската алијанса.

„Барањето на Русија да го запре проширувањето на НАТО имаше за цел да го намали нашиот избор и суверенитет. Ова не стави во нова позиција. Големата руска офанзива против Украина, јасно стави до знаење дека Русија уште еднаш е подготвена да ги користи своите вооружени сили во блиските области“, изјави Саули Ниинисто, претседател на Финска.

„Се стремиме членството да биде ратификувано од сите земји-членки што е можно поскоро. Работиме напорно за тоа. Работевме да обезбедиме ратификација да се случи што е можно поскоро. Ќе продолжиме да работиме за брзо членство“, изјави Сана Марин, премиерка на Финска.

Турција го повтори својот став дека се противи на приемот на Финска и Шведска во НАТО. Претседателот Ердоган им порача на двете скандинавски земји, да не испраќаат своја делегација во Анкара во обид да ја премислат.

Шведска веќе е центар за инкубација на терористичките организации. Тие носат терористи во нивните парламенти, ги тераат да разговараат таму и издаваат специјални покани за нив. Има дури и про-ПКК терористи во нивните парламенти. Како да веруваме на нив“, рече Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.

Финска е изненадена од ставот на Турција, но порача дека не сака да се пазари со Ердоган.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, и порача на Турција дека Алијансата мора да биде заедно во овој историски момент.

Владимир Путин, пак, кажа рече влегувањето на Финска и Шведска во НАТО не претставува директна закана за Русија, но предупреди дека Москва ќе одговори на секое проширување на воената инфраструктура.

 

Марина Ристова