Поделени мислења по одлуката на СПЦ за канонско единство со МПЦ-ОА
За едни – чекор назад, за други – логичен след на настаните. Поделени мислења по одлуката на Српската православна црква за канонско единство со МПЦ-ОА, којашто би добила широка автономија. За 19-ти мај е најавена литургија на помирување помеѓу поглаварите на двете цркви…

Различни гледишта по одлуката на СПЦ да ја прими во канонско единство Македонската православна црква-Охридска Архиепископија со статус автономна. Додека верскиот аналитичар Ѓорѓевски вели дека тоа што македонските владици наводно го побарале е чекор назад, универзитетскиот професор Матевски посочува нема скриена игра, туку редослед на настаните.
„За 19-ти мај се најавува и литургија за помирување меѓу српскиот патријарх Порфирије и македонскиот г.г. Стефан. Со тој чин ќе се официјализира нашето враќање во автономна положба. Што натаму ќе се случува, ќе видиме. Меѓутоа, од она што вчера беше соопштено после Соборот на СПЦ, има многу непознаници кои треба да ни се објаснат“, вели аналитичарот Бранко Ѓорѓиевски.
„Таа широка автономија и повикување на 1959 е само појдовна точка од која треба да се тргне понатаму и ако гледате од нивното соопштение ќе се оди до конечно решавање на спорот, по мое длабоко убедување добивање на автокефалност на МПЦ-ОА“, вели професорот Матевски.
Добро е што одлуката на Српската црква веднаш ја поздрави и руската – вели професорот Матевски. Консензусот меѓу црквите, појаснува тој, е прифаќањето на канонско единство.
„Томосот може да го даде Вселенскиот Патријарх самостојно, меѓутоа тоа не го сака МПЦ и игра на карта целиот православен свет да ја признае нејзината автокефалност“, додава Матевски.
„Сега СПЦ преку нас во православието ќе го инсталира тој принцип на консензус на сите 14 православни цркви, а што и одговара и на Руската православна црква, и со кој ние фактички ќе влеземе во некој тунел, во кој нема да знаеме како ќе се движиме и со која брзина“, нагласува Ѓорѓевски.
Аналитичарите согласни дека ваквиот чекор кој го направи МПЦ мора да е добро осмислен.
Миле Ристески
