Македонија

СОНК и МОН се договорија за 15% покачување од септември

17.05.2022 21:22

За овој договор, претседателот на СОНК Неделков очекува поддршка од членството и од Советот, за потоа со МОН да потпишат спогодба...

Наставниците, воспитувачите и негувателите ќе добијат плати повисоки за 15 проценти. По 19 дена преговори, СОНК и МОН си подадоа рака. Договорија да се потпишат нови колективни договори во образованието и да се усогласи платата со минималецот. Министерот Шаќири задоволен од епилогот, вели прифатени се сите препораки од медијаторот.

За овој договор, претседателот на СОНК Неделков очекува поддршка од членството и од Советот, за потоа со МОН да потпишат спогодба. Дополнително на сите штрајкувачи ќе им биде исплатена целосна плата за април, а во иднина СОНК и МОН заедно ќе го кројат буџетот за плати.

Штрајкот на СОНК почна на 11 април и по три недели беше ставен во мирување. Од Владата добија две понуди за раст на платите од 10, а потоа и за 12 проценти кои советот на СОНК ги одби. Откако пропаднаа преговорите синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека бара мирно решавање на работниот спор со посредство на медијатор со што почна процесот на помирување пред истекот на законски утврдениот рок од 20 дена. До крајот на неделата треба да се постигне и договор со Министерството за труд и социјална политика.

Викторија Милевска