Самит Македонија 2025

Регионален самит во организација на „Македонија 2025“

18.05.2022 11:34

Невладината „Македонија2025“ денеска и утре во Скопје ќе го одржи 11-тиот Самит на кој ќе се обратат околу 40 говорници меѓу кои и премиерот Димитар Ковачевски и неговата српска колешка Ана Брнабиќ. Според организаторот, фокусот на годинешниот самит ќе биде кон се она што може да се направи за да се избегнат кризите и да станеме попродуктивни и со тоа да се подобри животниот стандард на граѓаните и деловното опкружување за бизнисите...

Невладината „Македонија 2025“ денеска и утре во Скопје ќе го одржи 11-тиот Самит на кој ќе се обратат околу 40 говорници меѓу кои и премиерот Димитар Ковачевски и неговата српска колешка Ана Брнабиќ кои ќе учествуваат на панелот „Градење на просперитетна иднина: Улогата на регионалната соработка“.

Според организаторот, фокусот на годинешниот самит ќе биде кон се она што може да се направи за да се избегнат кризите и да станеме попродуктивни и со тоа да се подобри животниот стандард на граѓаните и деловното опкружување за бизнисите.

Ќе се дискутираат актуелни теми, како што се дигитализацијата, развојот на технологијата, важноста на лидерството, градењето на глобални брендови, дигиталните општества, работните места и човечкиот капитал, како и „блок-чеин“ технологиите.

Извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсовска-Блажевски, осврнувајќи се на работата на „Македонија 2025“, рече дека со низата програми што ги реализираат, организацијата помага во создавањето на силни успешни компании и им помага на младите да станат успешни.

На самитот ќе учествуваат креатори на политики, лидери на компании, членови на дипломатскиот кор и на меѓународни организации и претставници на академската и граѓанската заедница. Ќе доминираат говорници од Западен Балкан и Југоисточна Европа, како и претставници од македонската дијаспора, главно од САД и Канада