ЕП ќе расправа за најновиот извештај за напредокот на земјава
Европратениците попладне ќе го разгледаат извештајот за напредокот на земјава. Известувачот Кјучук во извештајот бара итно да почнат преговори со Северна Македонија, оти во спротивно ќе се намали поддршката за членство во ЕУ кај македонските граѓани. Невладини организации со апел да не се вметнуваат амандмани со барања за билатерални прашања во извештаи за напредокот на земјите кандидатки.

Европскиот парламент попладнево ќе расправа за најновиот извештај за напредокот на земјава. Во него е забележано дека продолжуваат напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, иако овие области и натаму остануваат главни предизвици. Недостигот на ефикасност на судовите и високата перцепција на корупција го прави судството институција со најмалку доверба меѓу граѓаните, наведува известувачот Илхан Ќучук во најновиот извештај. Тој оценува дека има уште малку работа да се заврши, но дека сега е време, Европската унија да го започне преговарачкиот процес.
„Бугарското вето за почеток на преговорите може да доведе до реакција во демократските процеси и да резултира со поголема поларизација и раст на политичкиот екстремизам“, предупредува известувачот, според кого застојот на преговорите покажува рани знаци на намалување на поддршката на ЕУ кај младите и раст на поддршката за Русија.
Пред гласањето, невладини организации упатија апел до европратениците да не го усвојат амандманот на Бугарија, бидејќи билатералните прашања не смеат да станат дел од извештаите за напредокот на земјите-кандидатки.
„Доколку билатералните прашања наметнати од Бугарија влезат во процесот на пристапување, суштината на ЕУ да биде трансформативна сила за општеството и процесот на европеизација не само што ќе бидат загрозени, туку процесот ќе биде спротивен на вредностите на Унијата“, стои во апелот.
Во извештајот се нотира дека се одржал првиот попис по 20 години, што покажал значајна емиграција на населението.
Ирина Гелевска
