Украина

Зеленски: Русија истрелува проектили поради неуспех на копно

18.05.2022 12:27

Речиси 1.000 украински борци скриени во фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол се предале, изјавија руските власти. Украина прави сè што е можно да ги спаси преостанатите борци од „Азовстал“...

Украинскиот претседател Зеленски рече дека Русија истрелува проектили со долг дострел врз цивилната и воената инфраструктура на земјата, бидејќи нејзината војска не може да покаже никакви позначителни достигнувања на терен.

„Ракетни напади ги погодија регионите Лавов, Суми, Чернихив. Регионот Луганск беше погоден со воздушен напад. Специфична саботажа е забележана во пограничните региони на Украина. Русите не можат да покажат никаков успех со воените дејствија во областите каде што се обидуваат да нападнат, па затоа се обидуваат да покажат успех преку нивните проектили и други активности, но исто така без ефект“, изјави Володимир Зеленски, украински претседател.

„Касетни бомби, артилерија, мини, тенкови, пушки. Користат сè што имаат. И пукаат по случаен избор. Немаат посебна цел“, изјави Мишченко, офицер за односи со јавноста, Јужна воена команда на Украина.

Русија соопшти дека речиси 1.000 украински борци скриени во фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол се предале.

„Милитантите на националистичката единица Азов и украинските војници блокирани во фабриката „Азовстал“ продолжуваат да се предаваат во Мариупол. Во текот на изминатите 24 часа, 694 милитанти го положија оружјето и се предале, вклучително и 29 ранети. Пренесени се во болница во Народна Република Доњецк“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Украина пак, соопшти дека прави сè што е можно за да ги спаси преостанатите борци заробени во фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол. Киев сака да ги замени своите војници за заробени руски војници, како дел од договорот за евакуација со Москва.

Марина Ристова