Свет

Финска и Шведска официјално поднесоа барање за членство во НАТО

18.05.2022 12:58

Шведска и Финска и официјално поднесоа кандидатури за членство во НАТО. Се очекува процесот на пристапување да трае неколку недели. Апликациите треба да ги разгледаат 30 земји-членки. Резервиран за зелено светло засега е турскиот претседател...

Шведска и Финска официјално ги поднесоа кандидатурите за членство во НАТО. Се очекува процесот на пристапување да трае неколку недели. Генералниот секретар ги поздрави барањата на двете нордиски земји да се приклучат кон блокот, опишувајќи ги како историски момент, клучен за безбедноста на Европа. Апликациите сега мора да ги разгледаат 30 земји-членки.

„Секоја нација има право да го избере својот пат. Вие сте нашите најблиски партнери и вашето членство во НАТО ќе ја зголеми нашата заедничка безбедност. Апликациите што ги поднесовте денес се историски чекор. Безбедносните интереси на сите сојузници треба да бидат земени в предвид, а ние сме решени да работиме на сите прашања и да донесеме брзи заклучоци“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Единствено турскиот претседател изрази резервираност за приклучувањето на Финска и Шведска. Ердоган останува на ставот дека не може да им се верува на двете земји затоа што сè уште немаат јасен став за курдските милитанти, кои Турција ги смета за терористи. Турскиот министер за надворешни работи рече дека Анкара сака да ги „реши“ своите проблеми со САД и да ја прошири соработката меѓу двете земји.

„Сакаме да ги решиме проблемите што ги имаме во односите со САД. Воспоставивме стратешки механизам по предлог на г. Бајден. Целта на овој механизам е да се решат билатералните или регионалните прашања за кои не се согласуваме и работиме на преземање заеднички активности за овие прашања“, изјави Мевлут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција.

Северна Македонија, како најнова земја-членка на воено-политичкиот сојуз ја продолжува политиката на отворени врати. Македонскиот претседател Пендаровски упати поддршка за брз прием на земјите кои несомнено ќе дадат придонесе во колективната безбедност.

Одлуката за членство во НАТО на Стокхолм и Хелсинки е една од најзначајните промени во европската безбедносна структура. Овие две земји одлучија да аплицираат откако се засили воената агресија на Русија врз Украина.

Маријана Димовска