Милошоски: Санкции за Џафери за повреда на етичкиот кодекс
Џафери лично на 11 јуни 2018 година го има потпишано Етичкиот кодекс за однесувањето на пратениците во Собранието, каде што, како што појасни во член 14, е предвидено како тешка повреда на кодексот доколку некој пратеник врши притисок или недостоинствено се однесува кон вработени во Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата бараат од претседателот на Комисијата за деловнички прашања да свика седница на која би се дискутирало за, како што велат, тешките повреди на Етичкиот кодекс од спикерот Џафери. До него е доставена и снимка од случувањата во собраниската сала.
„Најмалку четири пратеници од нашата пратеничка група биле сведоци на овој немил настан, биле внатре во самата просторија каде што на еден вулгарен и недоличен начин претседателот Џафери ги понижувал и им вршел притисок на вработени во службата во Собранието и истите тие пратеници ќе бидат расположени да посведочат кога ќе закаже господинот Минов ваква комисија за оваа тешка повреда на Етичкиот кодекс“, рече пратеникот Милошоски.
Потсети дека Талат Џафери лично на 11 јуни 2018 година го има потпишано Етичкиот кодекс за однесувањето на пратениците во Собранието, каде што, како што појасни во член 14, е предвидено како тешка повреда на кодексот доколку некој пратеник врши притисок или недостоинствено се однесува кон вработени во Собранието.
Од ВМРО-ДПМНЕ не исклучуваат и интерпелација за собранискиот претседател.
