Во Охрид допатуваа првите гости од Холандија
На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ денес допатува првата група туристи од Холандија преку холандскиот тур-оператор „ТУИ“, што е за два месеци порано во споредба со лани. Во мај и јуни неделно ќе има два чартер лета, додека во шпицот на сезоната неделно ќе има по четири лета. Новина е тоа што од 16-ти јуни за прв пат по осамостојувањето на нашата земја преку „ТУИ“ организирано со авион на „Визер“ ќе доаѓаат групи туристи и од Велика Британија…

Со првиот чартер-лет од Амстердам претпладнето на охридскиот аеродром преку холандскиот тур-оператор „ТУИ“ допатуваа 155 туристи. Во претсезоната ќе има по два чартер лета неделно а во јули, август и дел од септември ќе има по четири лета неделно. На овој начин може да се каже дека и официјално е отворена годинешната туристичка сезона, иако од почетокот на мај во Охрид и земјава се присутни туристи од Малезија, Индија и други земји кои доаѓаат во рамките на Балканските кружни тури.
„По втор пат доаѓам во Охрид, бидејќи градот ми се допаѓа многу, а и луѓето се многу гостопримливи. Ќе престојувам 10 дена“.
„Прв пат доаѓам на одмор тука бидејќи е убаво и тивко.“
„Не сакавме да одиме на одмор во Шпанија или Грција, сакавме да ги доживееме убавините токму на вашата земја“-велат дел од туристите.
Ова лето „ТУИ“ ќе реализира над 60 чартер лета, што значи дека само преку овој тур-оператор бројот на холандските туристи ќе биде поголем помеѓу 100 и 150 проценти.
„Очекуваме исто така и други тур-оператори и други дестинации да го оперираат Охрид. Исто така говориме за полски и за турски тур-оператори со чартер летови или оваа година ќе имаме за неколку пати зголемено портфолио на дестинации коишто веќе ги имаме туристите во Охрид“, вели Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.
„Сакам да напоменам една многу битна работа којашто се случува, а тоа е за оваа сезона. По прв пат во нашиот град и во државава ќе имаме гости од ТУИ-Велика Британија кои се најавени да почнат со доаѓање од 16-ти јуни, два пати неделно со авион на Визер каде што имаат закупено, значи ОК има закупено 80 седишта во нивниот авион. И тоа ќе биде за прв пат во историјата на нашата држава да имаме организирано гости од Велика Британија“, изјави Челик Асим, КТМ Војаж- партнер на ТУИ Холандија.
Според очекувањата на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот бројот на странските туристи во споредба со лани ќе биде поголем од 50 до 70 проценти, при што ќе бидат остварени мад 2,6 милиони ноќевања.
Сашо Нелоски
