Турција го блокира приемот на Финска и Шведска во НАТО
Шведска и Финска официјално поднесоа кандидатури за членство во НАТО. За генералниот секретар на Алијансата Столтнберг, барањата се историски момент, клучен за безбедноста на Европа. „Фајненшл тајмс“ објави дека Турција ги блокира преговорите за прием на двете скандинавски земји..

Шведска и Финска официјално поднесоа кандидатури за членство во НАТО. За генералниот секретар на Алијансата Столтнберг, барањата се историски момент, клучен за безбедноста на Европа. Апликациите ќе ги разгледуваат 30 земји-членки.
„Секоја нација има право да го избере својот пат. Вие сте нашите најблиски партнери и вашето членство во НАТО ќе ја зголеми нашата заедничка безбедност“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Но, „Фајненшл тајмс“ објави дека Турција ги блокира преговорите за прием на двете скандинавски земји. Резервираноста на турскиот лидер Ердоган произлегува од неговата убеденост дека оваа нордиска двојка поддржува курдски милитанти.
„Побаравме екстрадиција на 30 терористи, но Шведска не прифати. Вие не ни ги давате терористите, а барате да ви дозволиме влез во НАТО. НАТО е безбедносен сојуз. Безбедносна агенција. Поради тоа, не можеме да кажеме „ДА“ за одземање на безбедноста на оваа организација“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.
Нашата држава, пак, како најнова земја-членка на воено-политичкиот сојуз ја продолжува политиката на отворени врати. Македонскиот претседател Пендаровски упати поддршка за брз прием на двете нордиски земји кои, според него, ќе дадат придонес во колективната безбедност. Во меѓувреме, Владата го овласти амбасадорот Дане Талески да изрази согласност за влез Финска и Шведска во НАТО, чиешто барање мора да биде ратификувано од сите 30 членки на Алијансата.
Маја С. Филдишев
