„Азовстал“ целосно под руска контрола
Над 900 украински војници кои се наоѓаа во опколената челичарница „Азовстал“ се испратени во затворска колонија на територија под руска контрола, соопштија руските власти. Според западни медиуми, нивната судбина и натаму е неизвесна, иако постојат информации за договор меѓу Киев и Москва за размена на заробениците. Украина не ги коментираше ваквите руски тврдења...

„771 борец од Азовската националистичка единица се предаде во заробената челичарница во Мариупол. Вкупно 1730 ни се предадоа од 16 мај, вклучувајќи и 80 ранети. Сите на кои им е потребна итна нега се третирани во медицинските објекти на Доњецка Народна Република“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
И натаму активни фронтовите на југоистокот од земјата. Во Куркс гранатирано погранично село. Според гувернерот на оваа руска област загинал цивил, а гранатите погодиле фабрика за алкохол и неколку згради. Нема прогрес ни во дипломатските напори за мировно решение. Киев со услов за Москва – Единствената опција за помирување е капитулацијата на Русија, повлекувањето на трупите и разговори за оштета. Претседателот Зеленски потпиша указ за продолжување на вонредната состојба и на мобилизацијата за дополнителни 90 дена.
„Трет месец од војната, а Русија се обидува да го пронајде своето „Вундервафе“, чудесното оружје, наводно ласерско. Ова е јасен доказ за нивниот апсолутен неуспех, за стравот да ги признаат катастрофалните грешки во највисоките државни и воени нивоа на Русија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
По три месеци, САД повторно ја отворија амбасадата во Киев. За прв човек на дипломатијата е избрана Бриџит Бринк која досега ја извршуваше оваа должност во Словачка.
„Одлично е што имаме нов амбасадор таму, во таа значајна врска во период кога САД му помага на украинскиот народ во отпорот кон бруталните и злобните напади од Русија“, изјави Чак Шумер, сенатор.
Поради војната, низ Европа постојано се зголемува бројот на бегалци од Украина, но и од Русија.
„Не зборувам против земјата, зборувам против државата, бирократијата, одлуките кои ги носи во наше име. Јас не сум Украинка, Русинка сум и тоа ќе бидам засекогаш“, рече Лена Василева, продуцент.
„Ми беше тешко и тажно бидејќи поминав месец во Русија знаејќи дека ќе си одам. Спакував сè, ги спакував и сеќавањата“, рече Дмитриј Елвкиј, новинар.
Според последниот извештај на британското Министерство за одбрана на претседателот Путин отпуштал високи армиски команданти поради лоши резултати во војната во Украина.
Маја С. Филдишев
