ОН: Инвазијата врз Украина може да предизвика глобална прехранбена криза
Руската инвазија на Украина наскоро би можела да предизвика глобална прехранбена криза која може да трае со години, предупредија Обединетите Нации. Генералниот секретар Гутереш изјави дека некои земји би можеле да се соочат со долготраен глад доколку украинскиот извоз не се врати на предвоените нивоа..

Руската инвазија на Украина го влоши снабдувањето со храна во сиромашните земји. Светот би можел да се соочи со глобален недостиг од храна доколку украинскиот извоз не се врати на предвоените нивоа. Според Обединетите Нации, цените на прехранбените производи се за речиси 30 насто повисоки од истиот период лани. Конфликтот се заканува да одведе десетици милиони луѓе на раб на егзистенција.
„Русија мора да дозволи безбеден и сигурен извоз на жито складирано во украинските пристаништа. Може да се истражат алтернативни транспортни рути. Руската храна и ѓубрива мора да имаат неограничен пристап до светските пазари без пречки“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.
Соединетите Држави сакаат да се погрижат растечката несигурност во храната да не создаде нов конфликт и нестабилност во кревките држави. Американскиот државен секретар вели дека земјите со значителни резерви на жито и ѓубрива, како и оние со финансиски ресурси треба да ја засилат помошта.
„Соединетите Држави веќе најавија повеќе од 2,3 милијарди долари ново финансирање за итна помош во храна за да се задоволат глобалните хуманитарни потреби предизвикани од руската инвазија на Украина“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Руско-Украинскиот конфликт го прекина извозот од украинските пристаништа преку кои светот се снабдуваше со сончогледово масло, житарки, пченка и пченица. Светската програма за храна апелира Русија повторно да ги отвори пристаништата.
„Го замолувам претседателот Путин, ако воопшто има срце, да ги отвори пристаништата. Уверете ги сите засегнати дека можеме да ги нахраниме најсиромашните и да избегнеме глад како што правевме во минатото, кога државите во оваа просторија се вклучија заедно во повикот за да се спречи катастрофа“, изјави Дејвид Бисли, извршен директор на Светската програма за храна.
Војната во Украина го прекина и кревкото економско закрепнување од пандемијата. Глобалниот раст од проектираните 4 проценти, падна на 3,1 насто. Проекциите се различни и за најголемите светски економии, САД, Европската унија, Кина и многу земји во развој.
„Постојат несигурности во оваа прогноза, вклучувајќи значителни негативни ризици, времетраењето на војната, пандемијата или климатските промени. Глобалната инфлација што ќе се зголеми на 6,7 проценти во 2022 година, што е двојно повеќе од просекот од 2,9 проценти во изминатата деценија“, изјави Шантану Мукерџи, директор на Оддел за економска анализа и политика.
Освен храната, Европа се соочува и со предизвикот да обезбеди нафта и гас. Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен најави масовни инвестиции во енергијата и одбраната во ЕУ, како одговор на руско-украинската војна.
Маријана Димовска
