Липково: Се повлекуваат дамките на браната Глажња
Водата во браната Глажња започна да се разбиструва. Надлежните претпоставуваат дека затемнетата боја е резултат на појава на алги, кои досега не биле регистрирани. Резултатите ќе се знаат за неколку дена. Сепак смируваат дека потреба за паника нема, кумановци и жителите на Липково пијат безбедна вода...

Водата во браната Глажња која од пред неколку дена доби кафеава боја веќе започна да се разбиструва.
Кумановци но и жителите на Липково да не се загрижени, водата е безбедна, вели директорот на Водостопанство „Кумановско липковско поле“, откако по поројните дождови водата во Глажња доби друга нијанса. На терен излегле инспектори за животна средина, а првичните сознанија се дека затемнетата боја е од појава на алги, кои досега не биле вообичаени за овој реон. Земени се мостри кои се проверуваат на Институтите за биологија во Скопје и Охрид. Резултатите ќе се знаат наредниве денови.
„Нема простор за паника, веќе се расчистува состојбата и официјалните податоци ќе ги имаме за неколку дена. Граѓаните на Куманово треба да бидат мирни, спокојни за тоа што водата за пиење се користи од брана Липково и дотурот на вода се врши од темелниот испуст на браната Глажња, каде што водата е чиста“, вели Оливер Илиевски, директор на АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“.
Од Водостопанство дополнуваат дека ваква состојба предизвикана од алги била забележана на уште неколку езера во земјава.
Инаку, Куманово и Липково годинава ќе немаат проблеми со водоснабдување, бидејќи на двете брани, по врнежите има 18 милиони метри кубни вода. Надлежните се надеваат дека оваа сезона нема да има потреба и од рестрикции за земјоделците за наводнување.
Елена Георгиевска
