Гир: Што е можно поскоро преговори за ЕУ
Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир не сака да прогнозира дали Македонија и Албанија ќе добијат датум за старт на преговорите со ЕУ во јуни. Сепак вели-работиме кон постигнување на таа цел, која е во корист на сите. Гир тврди-идејата на францускиот претседател Макрон за Европска политичка заедница не важи за земјите од западниот Балкан...

Сакаме почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро и ги поттикнуваме сите напори за остварување на оваа цел, изјави евроамбасадорот Гир. Посочи дека пристапните процеси за земјите од Западен Балкан остануваат главна движечка сила. Нема промени за процесот на проширување и единствен пат е проширување за Западен Балкан. Тоа е апсолутен приоритет и пат базиран на реформи.
Германскиот канцелар во Владина декларација утринава изјави дека земјите од регионот на Западен Балкан припаѓаат на ЕУ. Тоа е пораката што му е потребна на регионот, вели германската амбасадорка Холштајн.
Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ, пак посочи дека ние како земја покажавме дека знаеме да градиме мостови со соседите и да подадеме рака. Владата на Бугарија и претседателот Радев, имаат историска можност да подадат рака да изградиме мост на доверба и пријателство. Очекуваме да го отстранат несогласувањето со Преговарачката рамка, ослободена од сите билатерални товари, за да може да ја одржиме правата меѓувладина конференција и со тоа да започне процесот на пристапни преговори, изјави вицепремиерот Маричиќ.
Ние сме пријатели со Бугарија и ќе градиме пријателски односи. Први сме соседи, сојузници во НАТО, ќе бидеме заедно и во ЕУ. Стратешко долгорочно пријателство мора да се гради постојано. Лесно се рушат мостови, но тешко и долго се градат. Ние сме подготвени да градиме мостови на трајно пријателство, но потребно е да имаме меѓусебно почитување и основа за заштита на нашите интереси, порача Маричиќ.
Соседна Бугарија во пресрет на самитот на ЕУ и натаму опстојува на позициите дека нашава земја сè уште не ги исполнила условите од Договорот за пријателство.
Игор Панов
