Усвоен извештајот за Северна Македонија
Европа со апел до Бугарија и Македонија да најдат решение за билатералните разлики. Европратениците со резолуција за Македонија. 508 пратеници гласаа „за“, 56 беа против. Однесувањето на Бугарија влијае врз земјата, но и врз ЕУ, став на мнозинството европратеници. Бугарските европратеници пак едногласни-Македонија целосно да го имплементира договорот за добрососедство и да ја исполни својата заложба за промена на уставот и да стави крај на негативната кампања против бугарските граѓани...

Со големо мнозинство европарламентарците усвоија резолуција за напредокот на Македонија. 508 пратеници од сите политички партии во Европскиот парламент гласаа „за“ извештајот на известувачот Илхан Ќучук, со кој се забележува континуиран напредок во реформите и се бара почеток на преговори без одложување. Во дебатата европарламентарците укажаа дека ако повторно Унијата не ги почне преговорите, тоа негативно ќе се одрази на поддршката за ЕУ и ќе отвори простор за влијание на Русија во регионот. Еврокомесарот за проширување Вархеји, повторно на средби со бугарскиот државен врв, во обид да ја убеди официјална Софија да даде зелено светло за пристапни преговори до крајот на француското претседателство со Унијата.
„По три недели, се враќам во Софија за да најдам заеднички јазик и поддршка во Бугарија за започнување на преговарачкиот процес со Северна Македонија во јуни“, напиша Вархеји, на твитер, по средбата со бугарскиот премиер Петков.
Еврокомесарот доаѓа во Софија еден ден по посетата на американската заменичка-државен секретар за Европа Карен Донфрид, која на средбите со Петков и Радев побара Бугарија да се согласи за почеток на преговори со Северна Македонија, оти од тоа зависи безбедноста на регионот.
Ирина Гелевска
