Инфраструктура

Рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид ќе се испочитува

19.05.2022 16:47

При денешниот увид на работите на автопатот Кичево-Охрид во близина на Охрид министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека рокот за негова изградба ќе биде испочитуван. Поради тоа активно се работи на целата траса и во активностите се вклучени седумстотини работници и преку двеста и осумдесет градежни машини, што гарантира побрза реализација на проектот...

Автопатската делница од Кичево до Охрид е врвен приоритет на државата. Нема калкулации и ниту јас, ниту Владата, ниту министерството и Јавното претпријатие за државни патишта не прифаќаме повеќе пролонгирање на роковите за изградба на овој автопат. Ова денеска при увидот на работите на автопатот во близина на Охрид го рече министерот Благој Бочварски при што посочи дека рокот мора да биде испочитуван од изведувачите бидејќи имаат обврска кон граѓаните, туристите и пред нив да изградат модерен и безбеден автопат.

„Вкупниот прогрес на градежните работи на целиот автопат изнесува 70 проценти. Од состојбата која ја наследивме,која беше катастрофална и имавме дилеми како и на кој начин да излеземе од ќорсокакот на овој автопат, денеска имаме јасна слика. Автопатот остана приоритет и сега се одвиваат асфалтерски работи што значи на оваа 5-та подделница се работи на завршните работи“, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Покрај автопатот дополнително ќе бидат изградени паралелни пристапни патишта со приклучок на постоечките објекти во должина од 30 километри.

„И денеска побаравме од изведувачот да ја зголемат динамиката на изградбата на автопатот со позасилено темпо. Се работи на поголем број вијадукти, на неколку клучки, на алтернативни и паралелно пристапни патишта“, изјави Ејуп Рустеми, директор на Јавното претпријатие за државни патишта.

Како што рече министерот Бочварски стратешки интерес на државата е изградбата на Коридорот 8 за што имаме обврска кон нашите европски партнери бидејќи тој е значаен за целиот регион и за поврзување со пристаништата во Албанија и Бугарија.

Сашо Нелоски