Европа

Мишел: Европската геополитичка заедница би го олеснила процесот на пристапување во ЕУ

19.05.2022 19:54

Мишел рече дека новата платформа ќе даде можност за редовна размена на мислења на највисоко ниво што ќе го зголеми „взаемното политичко разбирање меѓу вклучените страни“.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска во Белград изјави дека „Европската геополитичка заедница“, која тој ја предложи, ќе им помогне на земјите кои сакаат да се приклучат на Европската унија, бидејќи тоа ќе го олесни нивниот процес на приклучување.

Мишел рече дека новата платформа ќе даде можност за редовна размена на мислења на највисоко ниво што ќе го зголеми „взаемното политичко разбирање меѓу вклучените страни“.

Целосно ја поддржувам идејата да се забрза процесот на пристапување и да се направи поефикасен. Опипливи придобивки треба да се почувствуваат во земјите кандидати. „Европската геополитичка заедница“ ќе ни овозможи редовно да се среќаваме на највисоко ниво, да разменуваме идеи за заеднички интереси, да се координираме, објасни Мишел.

Тој изјави дека предлогот за создавање на „Европската геополитичка заедница“ го дал бидејќи „битно е токму сега“ да постои политички формат што ќе овозможи „заедничка посветеност на конкретни предизвици“.