Воен конфликт

Зеленски: Брутално и бесмислено бомбардирање, Донбас е во пекол

20.05.2022 10:24

Русија го претвори Донбас во пекол, регионот е разурнат, обвини украинскиот претседател Зеленски. 85-ти ден од војната. Гувернерот на окупираниот Херсон назначен од Москва ги повика жителите да аплицираат за руско државјанство...

Донбас е целосно уништен и е претворен во пекол, а сето тоа нема и не може да има воено објаснување за Русија, обвинува украинскиот Претседател Зеленски. Вели, во регионот беснеат интензивни борби. Постојани удари околу Одеса и врз градовите во централна Украина. Претседателот на Украина се заблагодари на Соединетите Американски Држави што го одобрија новиот пакет поддршка од 40 милијарди долари. Пакетот претходно беше изгласан од Сенатот.

„Вооружените сили на Украина го продолжуваат ослободувањето на регионот Харков. Но, во Донбас окупаторите се обидуваат да го зголемат притисокот. Пеколно е. Бруталното и апсолутно бесмислено бомбардирање, 12 мртви и десетици ранети за само еден ден“, изјави Володомир Зеленски, претседател на Украина.

Во видеообраќање од челичарницата „Азовстал“,  командантите на единицата „Азов“ велат дека сè уште се во фабриката.

„Денес е 85-тиот ден од војната. Јас и командантите сме на територијата на централата Азовстал. Во тек е одредена операција, чии детали нема да ги обелоденам. Благодарам на целиот свет и благодарност до Украина за вашата поддршка“, вели Свјатослав Палмар, заменик командант на одредот за специјални операции „Азов“.

Засега не е познато на каква операција мислел Палмар. Инаку, Русија изјави дека од понеделникот повеќе од 1.700 борци од фабриката во „Азовстал“ биле однесени во областите под руска контрола. Руската државна телевизија прикажа ранетите украински војници од фабриката кои се на лекување во регионот Доњецк. Некои биле однесени во поранешната казнена колонија на територија контролирана од сепаратистите поддржани од Москва, а други беа хоспитализирани.

„Повеќето од пациентите се во тешка состојба, речиси сите имаат повеќекратни скршеници. На многу од пациентите им е потребна протетика, многумина имаат големи рани“, рече Наталија-шеф на болничкиот оддел.

Гувернерот на окупираниот Херсон во јужна Украина, назначен од Москва, изјави дека регионот наскоро целосно ќе се интегрира во Русија. Жителите ќе можат да аплицираат за руско државјанство наредните недели, кога ситуацијата ќе се стабилизира. Украински официјални лица неколкупати предупредија дека Москва планира лажен референдум за независност во регионот, како и на други места. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно месецов изјави дека, иднината на регионот, зависи од волјата на жителите.

Маријана Димовска