Командантите на „Азов“ сè уште се во „Азовстал“
Преживеаните и евакуираните низ солзи сведочат за војната што им го уништи секојдневието. Донбас е целосно уништен и претворен во пекол. Во регионот беснеат интензивни борби...

Експлозиите почнаа среде ноќ. Дрвјата удрија врз покривот, прозорците се скршија. Парчиња стакло паднаа над трите заспани деца во спротивниот ѕид. Не се знаеше што ја погоди куќата, минофрлачи, ракети или проектили. Потресно сведоштво на Ирина Марциниук од село на само неколку километри од јужната линија на фронтот во Украина.
„Не спиев, бев на компјутер, но децата спиеја. Имаше некоја експлозија, но не разбрав каде. Сите скокнаа, а потоа во еден момент се почна да свети и чади. Кога се скршија прозорците, имаше толку многу чад во просторијата, немаше воздух“, вели Ирина Марциниук, мајка на три деца, жител на Велика Костромка.
Слична е состојбата во повеќе украински региони. Преживеаните и евакуираните низ солзи сведочат за војната што им го уништи секојдневието. Донбас е целосно уништен и е претворен во пекол, а сето тоа нема и не може да има воено објаснување за Русија, обвинува украинскиот претседател Зеленски. Вели, во регионот беснеат интензивни борби. Постојани удари околу Одеса и врз градовите во централна Украина. Се заблагодари на САД за пакетот воена и економска помош од 40 милијарди долари.
„Вооружените сили на Украина го продолжуваат ослободувањето на регионот Харков. Но, во Донбас окупаторите се обидуваат да го зголемат притисокот. Пеколно е. Бруталното и апсолутно бесмислено бомбардирање, 12 мртви и десетици ранети за само еден ден“, изјави Володомир Зеленски, претседател на Украина.
Во видеообраќање од челичарницата „Азовстал“, командантите на единицата „Азов“ велат дека сè уште се во фабриката.
„Денес е 85-тиот ден од војната. Јас и командантите сме на територијата на централата Азовстал. Во тек е одредена операција, чии детали нема да ги обелоденам. Благодарам на целиот свет и благодарност до Украина за вашата поддршка“, вели Свјатослав Паламар, изјави заменик командант на одредот за специјални операции „Азов“.
Засега не е познато на каква операција мислел Палмар. Инаку, Русија изјави дека од понеделникот повеќе од 1.700 борци од фабриката во „Азовстал“ биле однесени во областите под руска контрола. Руската државна телевизија прикажа ранетите украински војници од фабриката кои се на лекување во регионот Доњецк. Некои биле однесени во поранешната казнена колонија на територија контролирана од сепаратистите поддржани од Москва, а други беа хоспитализирани.
„Повеќето од пациентите се во тешка состојба, речиси сите имаат повеќекратни скршеници. На многу од пациентите им е потребна протетика, многумина имаат големи рани“, рече Наталија-шеф на болничкиот оддел.
Гувернерот на окупираниот Херсон во јужна Украина, назначен од Москва, изјави дека регионот наскоро целосно ќе се интегрира во Русија. Жителите ќе можат да аплицираат за руско државјанство наредните недели, кога ситуацијата ќе се стабилизира. Украински официјални лица неколкупати предупредија дека Москва планира лажен референдум за независност во регионот, како и на други места. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно месецов изјави дека, иднината на регионот, зависи од волјата на жителите.
Маријана Димовска
