Штрајкот заврши

СОНК и МТСП се договорија, нема да се кратат платите за вработените во градинките кои штрајкуваа

20.05.2022 12:44

Вработените од градинките кои штрајкуваа ќе добијат цела плата, постигнат договор за зголемување од 15 насто. СОНК и Владата и потпишаа измените, во мај нов колективен договор. Штрајкот е завршен – соопштија синкалците…

Министерството за труд и социјална политика и СОНК ги потпишаа измените и дополнувањата на колективниот договор со кој се регулира исплатата на плати и придонеси на плати за време на штрајк, по што тие ќе бидат испратени во Службен весник. Покрај потпишувањето на измените и дополнувањата, МТСП и СОНК договориле до крајот на мај да биде донесен и новиот колективен договор.

„Она што беше како спорно исплатата на дневници на вработените во детските градинки кои штрајкуваат денеска со измена на Колективниот договор во тој дел го регулиравме и ова право на вработените, затоа што сметавме дека од разни причини се дискриминирани и не беше во ред на нив да им се скрати од платата. МТСП, пред сè министерката, имаа разбирање за тоа што го баравме, го усогласивме и овој дел и сметам дека во целост овој процес на штрајк и преговори со МТСП конечно е затворен“, изјави првиот човек на СОНК, Јаким Неделков.

„Сите делови коишто беа дел од одлуката за штрајк се реализирани и последното е отпочнувањето на процесот на подготовка на новиот колективен договор. Веднаш по 24-ти мај, по празникот започнуваме со работните групи коишто се веќе дефинирани и формирани од двете страни. До крајот на месец мај ќе го донесеме новиот колективен договор којшто ќе значи дополнителни права на вработените, односно на носителите на дејноста во детските градинки“, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Штрајкот во градинките и училиштата почна на 11-ти април со барање за зголемување на платите од 18,4 проценти. На Синдикатот му беше понудено зголемување на платите од 10 и 12 проценти, но ваквите предлози беа одбиени од страна на членството.

На 26-ти април штрајкот во градинките беше ставен во мирување со образложение дека тоа е направено во интерес на родителите и стопанството кое трпи поради неможноста кој да ги згрижи децата од предшколска возраст. На 28-ми април, штрајкот беше ставен во мирување откако Синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека МОН бара мирно решавање на работниот спор со посредство на медијатор.