Украина

Сенатот на САД го одобри пакетот воена и економска помош за Украина

20.05.2022 14:23

Донбас е целосно уништен. Постојани удари околу Одеса и врз градовите во централна Украина. Азовстал не се предава. во тек е одредена операција. Сенатот на САД го одобри пакетот воена и економска помош за Украина од 40 милијарди долари...

Експлозиите почнаа среде ноќ. Дрвјата удрија врз покривот, прозорците се скршија. Парчиња стакло паднаа над трите заспани деца во спротивниот ѕид. Не се знаеше што ја погоди куќата, минофрлачи, ракети или проектили. Потресно сведоштво на Ирина Марциниук од село на само неколку километри од јужната линија на фронтот во Украина.

„Не спиев, бев на компјутер, но децата спиеја. Имаше некоја експлозија, но не разбрав каде. Сите скокнаа, а потоа во еден момент се почна да свети и чади. Кога се скршија прозорците, имаше толку многу чад во просторијата, немаше воздух“, вели Ирина Марциниук, мајка на три деца, жител на Велика Костромка.

Слична е состојбата во повеќе украински региони. Уништени домови, фарми, земјоделски површини источно од Харков.

„Не сум сигурен дали можеме да ја собереме посеаната пченица, опасно е. Нема да го ризикуваме животот на трактористите“, изјави Артем Новиков, директор на земјоделско претпријатие.

Донбас е целосно уништен и е претворен во пекол, обвинува украинскиот Претседател Зеленски. Постојани удари околу Одеса и врз градовите во централна Украина.

„Вооружените сили на Украина го продолжуваат ослободувањето на регионот Харков. Но, во Донбас окупаторите се обидуваат да го зголемат притисокот. Пеколно е. Бруталното и апсолутно бесмислено бомбардирање, 12 мртви и десетици ранети за само еден ден“, изјави Володомир Зеленски, претседател на Украина.

Азовстал не се предава. Во видеообраќање од челичарницата „Азовстал“, командантите на единицата „Азов“ велат дека сè уште се во фабриката.

„Денес е 85-тиот ден од војната. Јас и командантите сме на територијата на централата Азовстал. Во тек е одредена операција, чии детали нема да ги обелоденам. Благодарам на целиот свет и благодарност до Украина за вашата поддршка“, вели Свјатослав Паламар, заменик командант на одредот за специјални операции „Азов“.

Според руските власти, повеќе од 1.700 борци од фабриката за челик се предале од понеделникот. Руската државна телевизија прикажа ранетите украински војници кои се на лекување во Доњецк.

„Повеќето од пациентите се во тешка состојба, речиси сите имаат повеќекратни скршеници. На многу од пациентите им е потребна протетика, многумина имаат големи рани“, рече Наталија, шеф на болничкиот оддел.

Сенатот на САД го одобри пакетот воена и економска помош за Украина од 40 милијарди долари. И ЕУ ја испрати втората транша макрофинансиска помош во износ од 600 милиони евра. Претседателката на ЕК, Фон Дер Лајен, изјави дека најверојатно со замрзнатите средства од руските олигарси ќе се обновува Украина.

Маријана Димовска