Електрична енергија

Бектеши: Евтината тарифа од 22 до 7 часот нема да се менува

20.05.2022 16:58

Ребалансот на буџетот на Владина седница. „Од него ќе зависи какви мерки ќе бидат донесени за ублажување на инфлацијата во државава“ – вели министерот Бектеши. Убедува – евтината тарифа за струја нема да се менува, колкава ќе биде финалната цена по блокови ќе зависи колку ЕСМ ќе бара за покривање на потребите на ЕВН хоум..

Нема да има никаква измена во делот на евтината тарифа од 22:00 – 07:00 часот, ќе се интервенира само во високата тарифа, најави министерот за економија Крешник Бектеши. Колкава ќе биде финалната цена по блокови, ќе се знае откако ќе се одлучи со која цена ЕСМ ќе ги покрива потребите на ЕВН хоум за домаќинствата, малите и микро претпријатијата.

На регулираниот пазар, освен домаќинствата, влегуваат и микро и малите компании со не повеќе од 50 вработени и со приход под два милиона евра во претходната година, истакна Бектеши. Одредени фирми, отвориле други фирми или го намалиле бројот на вработени за да влезат на регулираниот пазар.

На Владина седница на министрите ќе се види приходната страна на буџетот, во некои министерства се најавени кратења, со цел да има пари да се креираат дополнителни мерки. Министерството за економија има дадено свои предлози, министерот се надева ќе бидат усвоени.

Од наредната недела ќе се знае какви мерки ќе бидат преземени за ублажување на ценовните шокови.

Наташа Ј. Менковски