Одбојка

Половичен биланс во контролите, нема причина за грижи

20.05.2022 19:25

Македонските одбојкари ја завршија првата и главна подготвителна етапа пред учеството во Европската сребрена лига. Овој пат, пристапот е поинаков, по четири финалиња и една бронза во шесте досегашни настапи, нема високи цели, но една никако не може да се избегне. Сопствената игра да биде на посакуваното ниво, а младите да ја искористат шансата...

Македонските одбојкари ја завршија првата и главна подготвителна етапа пред учеството во Европската сребрена лига. Овој пат, пристапот е поинаков, по четири финалиња и една бронза во шесте досегашни настапи, нема високи цели, но една никако не може да се избегне. Сопствената игра да биде на посакуваното ниво, а младите да ја искористат шансата.

Пријателските натпревари не го одредуваат рејтингот, но го создаваат победничкиот менталитет, па затоа низ призма на голи бројки, нерешениот биланс од двете контроли со Албанија не може да биде успех за македонските одбојкари. Но знаејќи дека националниот состав има нов селектор и во него не се тројца играчи од почетната ротација, што е речиси половина екипа, не треба и не е причина за грижа пред седмиот настап во Европската лига.

„Една победа, еден пораз. Со некои работи можеме да бидеме задоволни. Изненаден сум од желбата и од мотивацијата, како и од играта во одредени сегменти на целата репрезентација, но има доста работи коишто беа негативни и на нив ќе мора да поработиме. Сигурно дека се наоѓаме во нов амбиент, со нови играчи и ќе треба малку трпение за да се прилагодиме и да се најдеме. Сигурно дека нашите апетити секојдневно се зголемуваат и се надевам дека ќе успееме добро да ја одиграме премиерата и да ја победиме Босна и Херцеговина“, вели капитенот на македонската репрезентација Никола Ѓорѓиев.

Македонските одбојкари ќе одморат до недела, а откако ќе ја добијат потребната свежина по напорниот период во Маврово, ќе тренираат три дена во Скопје во пресрет на домашниот дуел со Босна и Херцеговина, в среда во арената „Борис Трајковски“ со пренос на Македонската телевизија. Потоа формата ќе се коригира во ритамот среда-викенд во текот на групната фаза во којашто ќе сервираме и со Романија и со Албанија. Првите две репрезентации ќе одат на завршниот турнир во Будимпешта на 18-ти и на 19-ти јуни.