Русија прогласи победа во Мариупол
По речиси три месец од почетокот на војната во Украина, руските сили го контролираат Мариупол. Кремаљ тврди дека во целост е преземена фабриката „Азовстал“. Продолжува и трговската војна. Поради отпор да се плаќа во рубљи, „Гаспром“ ја прекина испораката на гас за Финска. И Литванија најавува намалување на увозот на руските енергенски...

Русија прогласи победа во Мариупол. Москва тврди дека се предале и последните борци кои ја бранеа челичарницата „Азовстал“.
„Територијата на металуршката фабрика „Азовстал“ во Мариупол каде што група украински војници од азовската нацистичка формација се криеше од 21 февруари годинава, е целосно ослободена“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
САД потврдија дека пристаништниот град е во рацете на Москва, но напредокот на руската војска е далеку од зацртаните цели.
„Украинското Министерство за одбрана кажа дека борбената мисија таму завршила. Јас нема да ја коментирам проценката за Мариупол. Јавно рекоа дека таму заврши мисијата. Русите се сè уште онаму каде што сакаа да бидат кога ја обновија операцијата во источниот дел од земјата. Но, нивниот напредок во Донбас е мал. Бавен и непропорционален. А Украинците и натаму пружаат отпор“, изјави Џон Кирби, портпарол на Пентагон.
Претседателот Зеленски предлага замрзнатите руски имоти и фондови да се искористат за надомест на жртвите од агресијата.
„Бараме од нашите партнерски земји да потпишат мултилатерален договор и да создадат механизам со кој секој што страдал од руските активности ќе може да добие надомест за загубите. Со таков договор, руските фондови и имоти под јурисдикција на партнерските земји ќе бидат запленети или замрзнати, па конфискувани и насочени кон специјален фонд од кој сите жртви на руската агресија ќе можат да добијат соодветна компензација“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во меѓувреме, Вашингтон најави дека во Европа ќе бидат стационирани 100.000 војници доколку Русија не почне сериозно да им се заканува на Шведска и Финска или на НАТО. За Кремљ, бесмислено е да се одржи самит во нормандиски формат бидејќи веќе не се прочитале договорите од Минск.
„Многу оружје стигнува во Украина од Западот. Совршено познат ви е нашиот став за ова. Нема новитети. Нашата војска внимателно ги следи сите испораки, прават превентивни чекори, се преземаат соодветни мерки“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Паралелно со теренската, продолжува и економската војна. Поради отпор за плаќање во рубљи, на Финска ѝ е запрена испораката на руски природен гас. Литванија целосно ќе го намали увозот на руските енергетски резерви.
Маја С. Филдишев
