Македонија

Струшко поле: Еколошка катастрофа по дивите приклучоци

21.05.2022 11:49

Поради диви приклучоци и нелегални градежни активности, со денови фекалии се излеваат во Струшко поле. Еколошка катастрофа, која може да има последици врз здравјето на граѓаните. Од ЈП „Колектор“, велат, дефектот е предизвикан од нелегални градежни активности за што ќе бараат помош и од Народниот правобранител...

Еколошка катастрофа во струшко. Десетина денови фекалии се излеваат од колекторскиот систем во Струшкото поле кај село Франгово. Овој проблем е директна закана по здравјето на граѓаните, но постои и опасност од загадување на јавниот водовод, бидејќи излевањето е кај главниот цевковод во Струга.

„Згора на се опасноста е поголема што во непосредна близина поминува главниот вод на водоводната инфраструктура со која стружани се снабдуваат со питка вода, така што многу е веројатно да дојде до загадување на чистата вода со која стружани се снабдуваат од системот“, вели Никола Кукунеш активист.

Од ЈП „Колектор“ велат на тој потег детектирани се нелегални приклучоци, градби и тампони со што шахтите и цевките се затрупани. Извршиле снимање и испратиле допис до сопствениците и инспекторите на општина Струга.

„Доколку во рок од една недела самиот сопственик не изврши санација на проблемот кој го направи ние веќе се имаме договорено да го отпушиме тој дел бидејќи не можеме да го оставиме вака прави еколошки проблеми а сите трошоци ќе ги префактурираме на сопственикот“, вели Владимир Алексијоски директор на ЈП „Колекторски систем“.

Во битка со нелегалните градежни активности, кои го оштетуваат функционирањето на колекторот ќе се бара помош и од Народниот правобранител. Согласно законот никој нема право да врши градежни активности на 2,5 метри до цевководот.

 

Соња Рилковска