Охрид: 75 години јубилеј на Институтот за педагогија од Скопје
Потребни се вистински реформи во образовниот процес кои ќе ги следат светските стандарди и вредности. Голем загриженост претставува масовната миграција на младите луѓе. Во Охрид педагозите на Меѓународна научна конференција дискутираа за актуелните воспитно-образовни предизвици и перспективи...

Образованието треба постојано да се менува и реформира бидејќи современиот свет многу брзо се развива и многу е тешко тој процес да се следи. Сепак уште поголема загриженост за целиот регион предизвикува масовната миграција на младите, а од друга страна Европа годишно губи 900 000 луѓе, што значи дека во наредните 10 години ќе и требаат и без развој минимум 9 милиони работници.
„Последните 10 години имаме 40 проценти помалку матуранти, така што ние покрај пандемијата, покрај сите регионални процеси со кои се соочуваме тоа е голем предизвик за образованието, бидејќи ако не го решиме тој предизвик ние нема да зборуваме за перспективи“, вели проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет во Скопје.
Постојаните реформи негативно влијаат врз образованието, а образовниот процес претрпе уште еден удар од пандемијата што ќе се почувствува во годините што се пред нас.
„Сметам дека треба да бидат направени вистински реформи и да ги следиме сите стандарди и вредности коишто се во високообразовниот европски простор. Треба тие тенденции да ги следиме, а сметам дека сите реформи треба да поминуваат преку стручните и професионалните лица во нашата земја“, изјави проф. д-р Никола Јанкуловски-ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје.
„Сите бевме затекнати и основното и средното и високото образование. Прво во однос на поставувањето на програмите, колку тие беа скратени, колку тие беа адаптабилни, понатаму колку имаа нашите наставници стручни ИТ компетенции да излезат во пресрет на таквата работа. Понатаму дали во текот на пандемијата се употребуваа соодветни техники, инструменти и методи за следење и вреднување за развојот на постигнувањата на учениците“, изјави проф. д-р Елизабета Томевска Илиевска-раководител на Институтот за педагогија.
На Меѓународната научна конференција покрај за овие теми ќе стане збор и за другите предизвици со кои се соочува воспитно-образовниот процес при што ќе бидат презентирани 123 реферати од страна на 202 автори од 21 земја.
Сашо Нелоски
